Туризмот, дигитализацијата и спречување на младите да се иселат се приоритети на Брегалничкиот регион

Предизвиците на Источниот плански регион на кои се фокусираат програмите за следните години се како да се задржат младите и да се намали иселувањето, како да се подобри инфраструктурата и да се развие туризмот. На денешната промоцијата на „Денот на регионот“ беше истакнато дека ова се сериозни предизвици, на кои општините ќе мора да посветат внимание во годините што следат.

Според градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, за развој на регионот потребна е дигитална трансформација на општините.

„Темите на коишто ќе работиме во периодот што следи, се можноста за иницирање и развој на туризмот, подобрување на инфраструктурата, како и дигиталната трансформација и меѓу-општинската соработка, промоцијата на дигиталните услуги кон сите корисници и граѓани, што како предуслов верувам дека ќе биде причина за намалување на тој процент и таа тенденција на иселување“, вели Јорданов.

За Кочани прв предизвик е изградба на Дом за стари лица. Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов посочи дека преку Центарот за развој на ИПР, Кочани ќе бара начин конечно да го изгради овој толку потребен Дом, со што ќе се реши деценискиот проблем со кои се соочуваат граѓаните од регионот.

„Преку ИПР ќе се обидеме до сите достапни фондови што ќе ни бидат на располагање, да дојдеме до такви средства, бидејќи реално нашите буџети не дозволуваат самостојно да градиме и реализираме вакви проекти. Но, со поддршка и од Центарот и од релевантните институции, сметам дека може да дојдеме до такви средства, изјави Папазов.

На вториот дел од сесијата насловена како „Визија за иднината – одржлив и рамномерен регионален развој“, новинарката, Викторија Јованова се осврна на проблемот со иселувањето и ги презентираше податоците од новинарското истражување на медиумот на  заедницата Локал Актив.

„Последното истражување на Локал Актив го посветивме на најмалку развиениот микро регион – Брегалничкиот Пијанец-Малеш. Резултатите од Пописот од 2021 година, покажуваат дека сме еден од најретко населените региони во земјава. За 20 години од овој регион сме изгубиле 31 626 граѓани. Оваа бројка е речиси иста како бројот на жители на Кочани според последниот попис 2021 година.

Таа посочи дека податоците кои се во сторијата на Локал Актив, а добиени од институциите, треба да ги користат општините и граѓанските организации при лобирање за влез на компании во регионот, со цел да се подобри животниот стандард на граѓаните.

„Има и нови податоци во оваа истражувачка сторија, кои можат да ви користат како општини, во  публикација „Регионите во Македонија 2023“ на Заводот за статистика со економските показатели за животот на граѓаните во осумте региони пишува дека во Источниот плански регион просечната нето плата изнесува 434,9 евра. Во најбогатиот – Скопскиот регион, просечната плата е 586,2 евра. Разликата е голема“, кажа Јованова.

В.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE