Опис на проблемот
Лицата со попреченост од регионот на општините Богданци, Гевгелија и Дојран ги користат услугите на Дневниот образовен центар за лица со посебни потреби „Мајка Тереза“ и Државниот центар за лица со попреченост во Гевгелија. Вработените во овие две институции се грижат за лицата со попреченост во текот на работните денови, од понеделник до петок од 7 до 14 часот. За семејствата на лицата со попреченост, грижата и третманот што нивните блиски ги добиваат во овие два центри е многу голема помош.
Меѓутоа, во преостанатото време од работниот ден и за време на викендите, кога овие лица се враќаат дома нивните родители се принудени да се снаоѓаат како што знаат и умеат. Тие се соочуваат со низа проблеми во грижата за своите блиски бидејќи не се стручни и многу често се соочуваат со ситуации кога не знаат како да постапат. Покрај тоа, грижата за лице со попреченост значи дека родителот или старателот на тоа лице целиот живот треба да го подреди на исполнувањето на потребните обврски, така што речиси не му останува време да посвети и на другите членови од семејството. Сепак, главната загриженост на овие родители е помислата што ќе се случи кога нив веќе ќе ги нема. Кој ќе се грижи за нивните синови и ќерки, дали ќе останат на улица, дали ќе има институција која ќе се грижи на правилен начин и ќе им пружи поддршка каква што заслужуваат? За проблемите со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост
Локал Актив пишуваше во приказната објавена на оваа тема во април 2024 година.
Барања
- #Бараме од Министерство за труд и социјална политика да направи проценка за тоа во колку и во кои општини во Македонија е потребно да функционираат мали групни домови со 24 часовна грижа за лицата со посебни потреби.
- #Бараме Општина Гевгелија да подготви план за одржливост на еден Мал групен дом во оваа општина и да инсистира пред централните власти тие да го обезбедат потребниот годишен буџет за негово функционирање.
- #Бараме локалните институции во Гевгелија, Богданци и Дојран, да почнат дијалог со сервисните локални граѓански организации кои се занимаваат со правата на лицата со попреченост и засегнатите родители кои имаат деца со попреченост. Го бараме овој структурен дијалог за да обезбедиме долгорочно решавање на проблемите на ранливата популација, вклучително и потребата за нивна 24 часовна нега
Застапување за решавање на овој проблем
Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Полимат 13 од Богданци.
Реализирани активности
- Претставник на здружението Полимат 13 на 26 декември 2024 г. го одржа првиот состанок со претставници на неколку здруженија на граѓани кои работат на поддршка и заштита на лицата со попреченост. На состанокот беа дефинирани целите и активностите за заеднички настап на овие граѓански организации пред локалните и националните институции во однос на инивијативата за отворање на Мал групен дом со 24- часовна поддршка за лицата со попреченост од подрачјето на општините Гевгелија, Богданци и Дојран.


