Подобрување на пристапот до помагала (електромоторни колички-скутери) за лицата со попреченост од Источниот регион

Опис на проблемот

Лицата со телесна попреченост кои имаат потреба од електромоторна инвалидска количка- скутер, а кои се на возраст од 26 до 65 години, не можат да добијат вакво помагало, со средства обезбедени од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) поради ограничувачките одредби во правните прописи. Набавката на ова помагало со сопствени средства е за нив нешто недостижно, бидејќи цената на количката-скутер е многу висока, поради што овие лица практично се ограничени во нивниот социјален живот. Отсуството на социјална интеракција, за овие луѓе, кои се принудени да останат меѓу четири ѕида, остава погубни последици и врз нивното физичко и ментално здравје.  

Во сторијата објавена на оваа тема во март 2024 година, Локал Актив пишуваше за тешкотиите со кои се соочуваат лицата со попреченост во задоволувањето на нивните секојдневни животни потреби. Во време на економска криза ним им е особено тешко, бидејќи нивната здравствена состојба бара да одат на прегледи по неколку пати во неделата и да примаат терапија која значително го оптоварува нивниот личен и буџетот на нивните семејства. Во такви услови, една обична посета на роднина, пријател или на културен настан што може да се случува и во нивното соседство би ги чинела дополнителни 300 денари за превоз со такси како единствена прифатлива алтернатива. Доколку, во просек, само еднаш во денот лицето со попреченост има потреба од такси-превоз, на месечно ниво тие трошоци би биле 9.000 денари, односно годишно би изнесувале најмалку 108.000 денари. Но, вообичаено, лицата со попреченост во текот на денот имаат реална потреба да одат на повеќе места или институции. Од ФЗО немаат точен податок за потенцијални корисници на вакво помагало и истакнуваат дека за да се обезбеди вакво помагало за сите,  потребни се значителни средства кои во моментот не се предвидени во буџетот на Фондот. Освен тоа, поради апсурдните законски одредби, лицата со попреченост кои се во години кога можат да работат и да заработуваат, на возраст од 26 – 65 години, не можат да добијат средства од Фондот за да купат електричен скутер за движење.

Барања
  • Бараме од Фондот за здравствено осигурување на РСМ веднаш да отпочне постапка за измена на Правилникот за индикациите за остварување на правото на ортопедски и други помагала, со цел да им овозможи на сите лица со попреченост кои имаат потреба од електромоторен скутер да го добијат ова помагало, без разлика на возраста или социјалниот статус.
  • Бараме од Фондот за здравствено осигурување на РСМ да ги олесни критериумите и постапката за добивање на електромоторни помагала за лицата со телесна попреченост.
  • Бараме од општините во Источниот регион (Кочани, Виница, Зрновци,), во соработка со граѓанските организации, да изработат Програми за поддршка при набавка на електромоторни скутери и да ги вклучат нивните барања како дел од стратешките документи за заштита на животната средина и енергетска транзиција на локално ниво.
  • Бараме од Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост да ги координира сите надлежни институции во насока на отстранување на административните пречки и дискриминаторските практики и создавање можности за сите лица со попреченост да добијат вакви ортопедски помагала.

Застапување за решавање на овој проблем

Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Мобилност од Кочани. 

Реализирани активности
  • Во ноември 2024 година Националниот сојуз Мобилност Македонија објави повик за аплицирање за доделување електромоторни колички- скутери на лица со попреченост од 26 до 65 години. Според критериумите на повикот, во текот на декември 2024 г. беше направено рангирање на пристигнатите апликации. Се очекува во првите три месеци од 2025 г. да бидат реализирани набавките на електромоторните количк -скутери и електромоторни додатоци за инвалидска количка, и истите да им бидат доделени на вкупно 24 корисници од цела држава, меѓу кои и 9 корисници од Источниот и Југоисточниот регион.
  • На 9 јануари 2025 година беше реализиран состанок меѓу претставници на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет и одговорните лица во ФЗО на кој се разговараше прашањето за достапноста до електромоторни инвалидски колички- скутери,  беше разгледана можноста за проширување на листата на дијагнози за кои ќе се доделуваат помагала, а беше и договорено возраста, работниот однос и школувањето да не бидат пречка за добивање помагало.
  • Во мај 2025 година, со средства собрани во периодот од 2022-2024 година, беа обезбедени вкупно 24 ортопедски помагала за лица со телесна попреченост. Беа купени 14 електромоторни скутери, 7 инвалидски колички на електромоторен погон и 3 електромоторни додатоци за инвалидска количка. Дел од овие помагала добија и девет лица со телесна попреченост од Источниот и Југоисточниот регион.
Локал Актив и натаму ќе ги следи мерките што ги преземаат институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.  

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE