Опис на проблемот
Радовиш е мал град, со нешто повеќе од 15.000 жители, но сепак безбедноста во сообраќајот претставува проблем за жителите и во ова место. Радовишани се жалат дека во текот на целата година, а особено во период на празници и во летната сезона во сообраќајот има голем број учесници кои не ги почитуваат пропишаните правила. Општина Радовиш има мапирано повеќе критични точки во сообраќајот, дел детектирани од експерти, дел од граѓани кои не се чувствуваат безбедно. Една од причините за слабата безбедност е и отсуството на соработка меѓу општината и полицијата кои се надлежни за безбедноста во сообраќајот. Она што особено недостасува во оваа општина е редовна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и почеста контрола на полицијата за воведување ред во сообраќајот. Проблем што исто така треба да се нагласи е недоволната свесност и непочитувањето на сообраќајните правила на учесниците во сообраќајот, како на возачите, така и на пешаците.
За безбедноста во овој град Локал Актив пишуваше во сторијата, објавена февруари годинава.
Барања
- Бараме Општина Радовиш итно да ги мапира сите сообраќајни критични точки во Градот.
- Бараме Министерство за внатрешни работи и ОВР Радовиш да го засилат присуството на сообраќајната полиција, особено на булеварот „Александар Македонски“, како и на улиците „Кеј 8-ми Септември“, „Плачковица“, „22 октомври“ и „Свети Спасо Радовишки“.
- Бараме Општина Радовиш да постави и редовно да ја одржува сообраќајната сигнализација во Градот и да постави лежечки полицајци на соодветните локации.
- Бараме Општина Радовиш и ОВР Радовиш да имаат подобра меѓусебна соработка за поголема безбедност во сообраќајот.
Застапување за решавање на овој проблем
Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Здружението ВИА АД Астра од Радовиш.
Реализирани активности
- Во мај 2025 г. беше одржана средба со претставници на Одделението за комунални дејности на Општината Радовиш, на која им беа пренесени жалбите од граѓаните за безбедноста во сообраќајот, потребата од подобрување на соработката со полицијата, како и проблемите со зонското паркирање, кое градот го има веќе неколку години. Од Општината најавија дека, како едно од решенијата за сообраќајниот хаос, се планира изградба на нов кружен тек од струмичката клучка па до поранешна „Јака“ во Радовиш.
- На 23 мај 2025 г. е одржан состанок со претставници на ОВР Радовиш на кој беа пренесени барањата за поголема безбедност на граѓаните и за потребата од засилени контроли во сообраќајот. Од радовишката полиција информираа дека покрај поголемите градови, и Радовиш ќе биде дел од системот Сејф Сити, со цел да се зголеми безбедноста во градот.
- На 27 мај 2025 г. беше организирана јавна расправа со граѓани и други чинители на која се отвори прашањето за тоа колку радовишани се безбедни во сообраќајот, кои се актуелните проблеми и можните решенија. Присутните се согласија дека одговорност за ваквата состојба имаат сите, од учесниците во сообраќајот, до општината и полицијата, така што без заедничко учество на сите чинители безбедноста на сообраќајот во Радовиш нема да се подобри.


