Нов кружен тек од струмичката клучка до поранешната фабрика Јака во Радовиш како решение на сообраќајниот хаос, најавија од Одделението за комунални дејности на Општината Радовиш на средбата со активистот Кристијан Трајчов од ВИА АД АСТРА, како дел од процесот на застапување за темата за која пишуваше Локал Актив.
По објавувањето на сторијата на Локал актив, во која граѓаните на Радовиш реагираа на повеќе точки, своевидни тесни грла за сообраќајот во градот, почна процесот на застапување за подобрување на состојбата, каде со претставниците на локалната администрација беа изнесени проблемите на кои се пожалија граѓаните.
На оваа средба беа изнесени жалбите од граѓаните за одредени улици каде сметаат дека не е безбедно, потребата од подобрување на соработката со полицијата, како и проблемите со зонското паркирање, кое градот го има веќе неколку години.
„Нашите улици веќе не ги задоволуваат потребите на градот и бројот на возила кои ги има во него, посебно во периоди на празници и летни периоди. Со зонското паркирање го растеретивме центарот, но во исто време пак се направија гужви на споредните улици. Кога ќе ослободиме повеќе паркинг места, како што планираме, ќе ослободиме и повеќе улици,“ кажа на средбата Добрила Стоименова од Одделението за комунални дејности.
Стоименова се пожали на кражби и оштетување на сообраќајни знаци, како нешто врз кое тие директно не можат да дејствуваат.
„Тоа одамна се случува кај нас, не е од сега. Во однос на новини во делот на сообраќајот, планираме ‘лежечките полицајци’ кај училиштата да ги замениме со повишени пешачки премини, каде возачите ќе мораат да ги забават своите возила, да се качат на истите и полека да се симнат од нив. Тоа треба да се случи ова лето,“ рече Стоименова.
Со цел надминување на дел од детектираните проблеми од страна на граѓаните, Стоименова најави дека Радовиш ќе добие нов кружен тек од струмичката клучка, па до поранешната фабрика Јака.
Граѓани на кејските улици, поточно делот после „Карадачкиот“ мост се жалат дека премногу брзо се вози и од двете страни на реката, па побараа да се постават „лежечки полицајци“.
По однос на ова прашање, Раководителката на Одделение за комунална, градежна и сообраќајна инспекција Елизабета Коцева рече дека согласно Законот за безбедност во сообраќајот, истите можат да се постават само покрај школи и градинки или пак на улици каде безбедноста не е загарантирана.
„На улица Плачковица, на пример, каде луѓето се чудеа како се поставија дури три на растојание од неколку стотици метри, имаше голем број на сообраќајни несреќи кои дури завршуваа и со жртви. Луѓето на таа улица побараа согласност од МВР кое одобрува само кога се случувале несреќи“, потенцира Коцева.
Според нив, проблем во сообраќајот во градот претставуваат електричните тротинети кои многу често ги возат деца кои не се свесни за сообраќајните правила.
„Децата ги возат тротинетите каде ќе им текне, па со тоа можат да се доведат во ризик од сообраќајна несреќа. Тротинетите се тивки, па често самите учесници во сообраќајот не можат да ги забележат,“ вели Стоименова.
За зонското паркирање велат дека радовишани тешко се навикнуваат на оваа новина и сметаат дека цената која се плаќа и која изнесува 30 денари од час во централното градско подрачје е во ред.
„Решение се само казните, за да се натераат самите возачи да се паркираат на прописно место. Околу цената сметам дека не е висока. Сепак одлуката е донесена од страна на советниците, кои патем се одбрани од народот,“ објаснува Коцева.
Во однос на соработката со полицијата, Коцева рече дека новото раководство одржало состанок со нив и изразило желба за соработка.
Следен чекор за општината останува категоризација на улиците во градот по што ќе се преземат следни чекори во делот на сигнализацијата која ќе значи и побезбеден сообраќај.
Л.А.


