Делчевчанецот Фетах Јашаров конечно доби пензија, но не италијанска туку скромна македонска

Со решение на македонскиот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ), по неколкугодишна административна борба, Фетах Јашаров од Делчево на 70-годишна возраст стана пензионер. Но, наместо странска пензија, со износ во евра од Италија каде работел, Јашаров ќе добива минимална македонска пензија од  македонскиот пензиски фонд.

Решението беше издадено по одговорот од Италија дека на Јашаров не му следува пензија и покрај тоа што неколку години работел таму. Додека траеше административната преписка и чекањето на одговори на релација Македонија – Италија, сменети се законските основи за добивање италијанска пензија, кои сега Јашаров не ги исполнува.

Тоа е одговорот од Социјалниот фонд на Италија, по што ФПИОМ на Фетах Јашаров му пресметал износ до минимална пензија во кој влегуваат и минималните 4.000 денари, што му доаѓаат секој месец од Словенија, каде исто така, работел неколку години. Според нашиот закон, пензионер, кој остварил право на пензија, не може да прима пензија пониска од минималната, што за март 2025 година изнесува 18.192 денари.

Јашаров и неговото семејство досега живееја со 7.000 денари – 4.000 од Словенија и 3.000 денари надоместок до пензија. Со двете покачувања на два пати по 2.500 денари, Јашарови успееја да дојдат до 12.000 денари месечен приход.

Локал актив веќе пишуваше за голготата на Фетах Јашаров, кој како и околу 150 други македонски граѓани, кои со месеци и години чекаа одговор од италијанските институции за остварување на пензија од Италија. Егзистенцијата на овие некогашни гастарбајтери зависи од договор стар близу 70 години – потпишан меѓу Италија и сега веќе непостоечка држава – Федеративна Народна Република Југославија, во чиј состав некогаш беше и Македонија.  Во 2014 година, меѓу Македонија и Италија бил потпишан нов билатерален договор за социјално осигурување, со кој се регулирани правата на работниците кои дел од стажот го поминале во другата држава, како во случајов со македонските пензионери. Договорот, веднаш потоа бил ратификуван од македонска страна. Но, неговата ратификација заглавила во италијанскиот Парламент.

По повеќе ургенции од македонското Министерството за социјална политика, до италијанското Министерството за надворешни работи, факт е дека ни по десет години договорот не е ратификуван во италијанскиот Парламент, објави Локал актив во сторијата од 27 декември 2023 година.

Работите не се мрднати од мртва точка. Договорот и натаму не е ратификуван, меѓутоа, предметот на Јашаров од делчевската организација „Жена“ преку Комисијата за борба против дискриминација, владините министерства, Европскиот центар за правата на Ромите (ERRC), Амбасадата на Италија во Македонија, конечно стигна до Италијанскиот солидарен фонд. 

Она што беше негативен одговор за Јашаров, може да се смета за позитивен за тие над 150 македонски граѓани кои чекаат документи за да добијат пензија. Како што објаснуваат од ГО „Жена“, одговорот од Италија ќе послужи при поднесувањето на нивните барања до македонскиот пензиски фонд. Се работи за категории на граѓани кои делумно оствариле работен стаж во Македонија, па заминале како сезонци во Италија, но работеле помалку од пет години вкупно за да добијат италијанска пензија. Но, со пресметаните и признати години стаж од Италија, ќе добијат признати минимални 15 години стаж, што е еден од условите за остварување на пензија во Македонија.

Јашаров конечно стана пензионер и решението е донесено 15 дена по смртта на неговата сопруга, која заедно со него ги делеше тешките денови со минимални примања, во исчекување да го добие статусот на „италијански пензионер“. 

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Јашаров му исплати и заостанати средства во износ од 172.000 денари за годините кога му се смета дека го добил правото на пензија.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE