Младите излегуваат од шокот од пожарот со Кочани и почнуваат да зборуваат за корупција

По тешкиот период после пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде животот го загубија 62 млади лица, а над 200 беа повредени – младите од овој де на Македонија почнуваат сѐ погласно зборуваат јавно – една од темите на која најчесто се навраќаат е коруптивниот систем во кој живеат.

Ова го вели универзитетскиот професор Марјан Николовски, од Факултетот за безбедност при Универзитетот „Климент Охридски“ од Битола, која изминатите два дена во Штип одржа работилница за препознавање на корупцијата.

„Младите сега сфаќаат дека тоа што се случи во Кочани, може да се случи во секој друг град. Секој граѓанин може да биде жртва на таков корумпиран систем, што всушност и Кочани го покажа. Тука зборуваме за сплет на институции, коишто не си ја извршиле својата работа и резултатот е тој, со губење на млади човечки животи. Не е кривично дела ако нешто само направите, туку вие сте сторител на кривично дело и со тоа што не сте си ја завршиле работата за која народот ве плаќа. Не сте ја извршиле!, кажа професорот Николовски.

Фотографија од учесниците на работилницата за препознавање на корупцијата

По периодот на молк, младите почнуваат да зборуваат и токму во таа насока е одржувањето на серијата работилници, цели професор Николовски, каде младите ги препознаваат формите на корупција, кои придонеле за трагедијата.

„Младите на некој начин сега излегуваат од шокот во кој беа. Еден период беа доста повлечени и оваа работилница е во таа насока – да ги пуштиме да зборуваат, да ги оттргнеме од мрачните мисли. Да зборуваат и на тој начин ние ќе ги бараме патиштата за да ги трасираме да излезат на прав пат“, додава Николовски.

Во текот на разговорите, младите низ пракса, во училиштето, низ образовниот процес воочиле поинакви модалитети на корупција. Тоа е суптилен модел на корупција присутна меѓу професорите на земање и примање поткуп преку одредени услуги преку нивните родители.

Овие работилници за препознавање корупција се одржуваат во три средни училишта во Куманово и во Штип преку проект на Центарот за ромска заедница „ДРОМ“ од Куманово и Здружението на мултиетничко општество за човекови права од Штип. Индикативни се и резултатите од анкетниот прашалник спроведен меѓу 160 млади. Според проектниот раководител Муарем Шакировски – Ганди, висок процент ученици, корупцијата ја разбираат како примање мито.

„На прашањето дали имате забележано некоја коруптивна активност во вашето училиште, 80% одговориле со „да“. А на прашањето како да се спречи и каде да се пријави, повеќето одговори се со „не“. Интересен е фактот дека нема голема разлика во перцепцијата кај учениците во Куманово и во Штип“, изјави Шакировски.

Искоренувањето на корупцијата е можно, доколку се изучуваат и применуваат успешни практики од странство. Со едукација и активна ангажираност на младите, борбата против корупцијата може да започне уште од училишните клупи, создавајќи основа за едно поправедно и транспарентно општество.

В.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE