Со средства собрани за период од три години (од 2022-2024 година), беа обезбедени 24 ортопедски помагала за лица со телесна попреченост, коишто минатата недела им беа доделени на оние на кои им се најпотребни.
Со овие средства беа купени 14 електромоторни скутери, 7 инвалидски колички на електромоторен погон и 3 електромоторни додатоци за инвалидска количка. Девет лица со телесна попреченост од Источниот и Југоисточниот добија дел од овие помагала. Примопредавањето на ортопедските помагала беше извршено во Центар за ортотика и протетика Славеј, во Скопје, а средствата за набавка на помагалата беа обезбедени и одобрени од страна на Министерство за социјална политика, демографија и млади.
За овие средства аплицираше Национален сојуз на лица со телесен инвалидитет Мобилност Македонија преку годишните програми за работа. Бидејќи се работи за помал износ на средства што ги добива од државата, Мобилност Македонија ги акумулираше средствата, за да може одеднаш да набави повеќе ортопедски помагала. Едногодишните средства стигнуваат за набавка на 5-6 помагала, поради што голем дел од барателите на помагалата би би биле одбиени.
Помагалата се набавени на транспарентен начин, со објавен јавен повик од страна на Мобилност Македонија, наменет за своите членови, како и останатите лица со телесен инвалидитет, кои имаат потреба од ортопедски помагала и додатоци на ортопедски помагала. Оваа година јавниот повик се однесуваше на три вида на ортопедски помагала: електромоторни скутери, инвалидски колички на електромоторен погон, и електромоторни додатоци за инвалидска количка.
„Овие помагала не се само технички алатки. Тие се алатки за слобода, независност, активност и самодоверба. Тие се дел од патот кон независен и поинклузивен живот. Oстануваме посветени на создавање општество во кое секој ќе може да живее, да учествува и да придонесува на еднаков начин“, изјави за време на доделувањето Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
Претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, во оваа пригода рече дека Сојузот сите расположиви средства ги користи за доброто на членовите.
„Средствата ги насочуваме кон организација на работни средби, кампањи за подигање на јавната свест, организирање на културно-спортски и едукативни настани, организација на закрепнување и рехабилитација во апартманите во Охрид, градење на инклузивни игралишта. Кога има можност, и за набавка и дистрибуција на ортопедски помагала и додатоци кои им се неопходни на лицата со телесен инвалидитет, а не можат да ги набават преку ФЗОРСМ“, истакна Јовановски.
За потребата од набавка на современи средства за мобилност пишуваше и Локал актив. При тоа, низ разговорите со луѓето на кои им им се најпотребни ваквите помагала, беше истакнат и проблемот на кој треба да се работи, а тоа се законски измени, со кои би се променила старосната структура на лицата кои можат да добијат електрични помагала на државен трошок. Со сегашниот закон, осигуреното лице кое е во работен однос, или врши дејност врз основа на која е осигурено, како и дете кое се школува до 18, односно 26-годишна возраст, покрај собна инвалидска количка, има право на теренска инвалидска количка на рачен погон. Може да му се одобри инвалидска количка на електромоторен погон ако поради функционалниот статус на рацете и нозете не може активно да покренува количка на рачен погон, доколку Лекарската комисија на Фондот за здравствено осигурување оцени дека е способно сигурно и самостојно да ја управува.
Р.Л.


