Три основни и двете средни училишта од Кочани имаат долг од 10.516.138 денари, поради неплатени сметки за услугите што ги извршило Комунално Јавно Претпријатие Водовод – Кочани. Увидот во работата на комуналното претпријатие, што по преземањето на функцијата го направил в. д. градоначалникот Венко Крстевски, покажал дека образовните институции, основани од општината се меѓу најголемите должници кај правните субјекти.
Највисок долг од над 5,6 милиони денари има ОУ Никола Карев, а потоа следуваат средните училишта Гошо Викентиев и Љупчо Сантов кои за комунални услуги заедно должат над три милиони денари. Двете основни училишта Раде Кратовче и Св. Кирил и Методиј на Водовод не му платиле сметки во вкупен износ од над 1,7 милиони денари.
„Ова се милионски долгови коишто се толерирани долго време. Срамно е КЈП Водовод да ги дава на извршител граѓаните со долг од по 3-4 илјади денари, а да не постапува соодветно кон правните субјекти што се должници. Во наредниот период ќе излеземе со целосен список на сите должници кон Водовод. Целта е сите пари да се приберат за да се направи функционално кочанското комунално претпријатие, затоа што токму ненаплатените приходи го довеле до загуба и блокада“, истакнува в. д. градоначалникот на Општина Кочани.
Основните училишта Малина Попиванова, Крсте Петков Мисирков, основното музичко училиште Ристо Јуруков, како и ЈОУ Детска градинка Павлина Велјанова немаат долгови за комунални услуги.
КЈП Водовод со години работи со загуби, по што вкупниот долг достигна 4,1 милион евра. Само во времето додека со општината раководеше градоначалникот Љупчо Папазов, од декември 2021 година до март годинава, беа сменети пет директори. Со доаѓањето на в.д. градоначалникот Венко Крстевски, беше назначен Мирче Паунов, како шести директор во Водовод.
Наспроти податокот дека кочанчани плаќаат најскапа вода, од 48,79 денари за кубен метар, наспроти државниот просек од 27,49 денари, кочанското јавно претпртијатие е едно од најголемите загубари, покажа истражувањето на Центар за граѓански комуникации. В.д. градоначалникот Крстевски најави финансиска ревизија на КЈП Водовод со која точно ќе се утврди задолженоста на претпријатието.
Т. А.


