Во функција на намалување на загубите на вода и подобрување на управувањето со водоснабдителната мрежа, Општина Дојран изработи подземен катастар, со што стана првата општина во регионот со ваква инфраструктура. Проектот преку кој е изработен подземниот катастар е во соработка со Германската асоцијација за меѓународна соработка (ГИЗ) и, според претставници на општината, тоа ќе значи многу за решавање на проблемот со слабиот притисок на вода во повисоките делови од градот, особено во текот на летниот период.
Подземен катастар претставува напреден информациски систем за сите подземни инфраструктурни водови и тоа е еден од најпроблематичните аспекти во градењето во речиси сите општини, со оглед дека често се случуваат штети на подземните кабли и цевки од страна на изведувачите на новите градежни објекти и зафати. Тоа е регистар на подземните инфраструктурни елементи кој треба постојано да се ажурира според редовни извештаи на комуналните претпријатија за водоводната и канализациона инфраструктура, телекомуникациските и кабловските оператори, со цел поефикасно да се планираат трошоците за инфраструктурните зафати и да се планира навремена замена на амортизираните материјали, а геодетските и градежните фирми да можат поефикасно да ги планираат своите градежни проекти.
Градоначалникот Анго Ангов смета дека подземниот катастар значи и сериозна основа за идни проекти и зафати на општината, со кој ќе се овозможи планирање и инвестиции за модернизација на инфраструктурата.
„Заедно со германската агенција и ангажираните експерти беше изработена целосна анализа, мерења на притисоците на вода кои ќе ни помогнат во надминување на проблемите што ни се појавуваат во летните периоди, посебно во горните делови на градот. Така што, имаме еден целосен извештај за ситуацијата со водоснабдителниот систем. Во склоп на проектот беа набавени и монтирани и 300 паметни водомери кои ќе помагаат во дигитализацијата на комуналното претпријатие, а со тоа и намалувањето на трошоците“, вели Анго Ангов, Градоначалник на Општина Дојран.
Покрај подземниот катастар и паметните водомери, Општина Дојран најави дека оваа година планира и други зафати на водоводната мрежа, кои ќе ги решат проблемите со водоснабдувањето во туристичкиот центар, кој во летниот период има зголемена потреба од вода поради зголемениот број на посетители. Во одредени денови од летото, особено за празниците и викендите, Дојран се полни со туристи и нивниот број може да достигне и до 20.000 за време на викенд, што ја отповарува комуналната инфраструктура.
Според официјалните податоци од последниот статистички извештај на Државниот завод за статистика, во текот на минатиот август Охрид, Струга и Дојран примиле над 150.000 туристи кои реализирале околу 762.000 ноќевања. Во овој извештај нема поединечни податоци по секој од овие туристички центри, но во просек, дневно престојувале по 4.866 гости вкупно во овие езерски летувалишта.
З.Ѓ.


