Поставување на филтри и поголема контрола на согорувањето во пластениците – дел од барањата на протестот за чист воздух во Струмица

Илјадници струмичани со часови протестираа денес низ градските улици порачувајќи дека треба да се прекине со толерирањето нa енормното загадување на амбиенталниот воздух. На протестот под мотото „Забрането дишење“, што го организираше граѓанското здружение Здрава котлина од Струмица, беше кажано дека ова се последните предупредувања до народните избраници.

Градот, кој е лидер по загаденост во државата, но и пошироко, денес беше полн со револтирани граѓани кои движејќи се низ главните улици застануваа пред неколку институции – болницата, судот, општината.

Само оваа зима во Струмица четири пати беше кренат прагот на алармирање од страна на Министерството за заштита на животна средина. Согласно Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, Министерството го крева прагот на алармирање кога се надминува вредноста на ПМ 10 честички од 150 mg/m3 во текот на два последователни денови. Тогаш на сила стапуваат серија мерки за заштита на населението од загадување.

Протест во Струмица под мотото „Забрането дишење“

Струмица неодамна се најде на седмото место во светот по загаденост на воздухот на скалата на IQAir.

Денес струмичките улици беа полни со граѓани од сите возрасти: од бебиња во колички со родителите, преку мали деца со пораки во рацете, до пензионери кои бараат спокојно и без заболувања да ги минуваат деновите на одмор.

„Струмица во континуитет е најзагаден град и тоа на европско и светско ниво. Нема тешка индустрија за да има причинител од тој тип, а сепак загадувањето е енормно високо“, рече еден од учесниците на протестот.

„Во последно време мораше нешто да се случи, за ние граѓаните да реагираме и да кажеме, вака не може, не бива. До тука и ајде да видиме сега како“, додаде друг граѓанин. „Тешко се зборува со маска, ама тешко се зборува и навечер кога воздухот не се дише и не е чист. Мотивот е здравјето, нашето и на нашите деца“, рече граѓанин кој протестираше со гас маска на лицето.

Организаторите од Здрава котлина, имаа подготвено и листа на барања до институциите на локално и државно ниво. Од нив тие бараат најитно да се зафатат со постапување и санкционирање на сите физички и правни лица кои загадуваат.

На листата на барања се привремена забрана за работа на индустриските погони со висок степен на загадување додека не се инсталираат филтри и не се потврди усогласеност со еколошките прописи. Потоа, контрола на согорување на опасни и несоодветни материјали во пластениците и индустриските објекти со дваесет и четири часовни патроли; користење на рачни мерачи и дронови,  како и итно затворање на дивите депонии кои испуштаат токсични гасови, нивна санација и физичко обезбедување на локациите со камери и бариери. Се бара и контрола на нелегалното сечење на шумите за огревно дрво, поради што како една од препораките до институциите е да забранат пуштање во промет на огревно дрво што не е отстоено во склад осум месеци од денот на сечење.

„Македонија си има проблем со следење на законите и постапување по нив, последниве триесет и кусур години, ама мора тука да престане сето ова“, рече Костадин Ристоманов од Здрава котлина.

На протестот се приклучија и политичари од двете политички партии, истите оние кои ги имаат решенијата за барања од овој протест во свои раце. Според организаторите, овој парадокс покажува дека сите поддржуваат протест и бараат решавање на загадувањето, но, никој не гледа проблем во своите постапки и политики.

С.М.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE