Членови на планинарскиот спортски клуб „Осогово“ од Кочани во вчера ја реализираа втората хуманитарна акција за помош на старите и изнемоштени лица во селата на падините на Осоговските Планини.
Во соработка со здруженијата Умиление од Виница и Благородна мисија од Кочани, беа обезбедени пакети со храна и средства за лична хигиена што веќе им се доставени на жители на планинските села. Овие села се ретко населени – во нив останаа да живеат единствено постари лица.
„Хуманитарната акција е втора за оваа година и веќе посетивме дваесетина лица во планинските маала на селата Небојани, Крушка, Рамно Брдо, Лисо Брдо, Касиро и Црешната. Се работи за повозрасни, болни и изнемоштени жители кои сѐ уште живеат на своите имоти во сурови услови во Осоговијата. Претходната акција ја реализиравме по новогодишните празници, во периодот кога пристапот до планинскиот регион беше отежнат поради врнежите од снег, истакна Тошо Антов, претседател на ПСК „Осогово“.
Хуманитарната акција на планинарите и на двете здруженија ќе продолжи до април, односно ќе се реализира два пати месечно.
Т.А.


