Комуналните претпријатија од општините Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево кои собраниот отпад го исфрлаат на депонијата во Кочани, во иднина на кочанското комунално претпријатие ќе му плаќаат по 220 денари за кубен метар.
Висината на надоместокот денеска ја договорија градоначалниците од четирите општини во регионот, при што потпишаа и меѓусебен договор. Со тоа треба да се надмине проблемот околу обезбедувањето финансиски средства за третман и уредување на просторот на депонијата кај селото Бели.
Според договорот, Општина Кочани, преку КЈП „Водовод“, е предвидено да презема активности за управување со депонијата, според членот 28 од Законот за управување со отпадот, на начин што нема да дозволи расфрлање на отпадот. Количините на депонираниот отпад ќе треба да се утврдуваат на дневна основа во самата депонија земајќи ја предвид носивоста на возилата.
Надоместокот е предвидено да се уплаќа во рок од 15 дена од денот на приемот на извештаите на сметката на комуналното претпријатие, кое пак се обврзува да изготвува месечни извештаи што ќе ги доставува до општините потписнички на договорот.
„Од општина Зрновци ќе се депонира најмала количина отпад, односно на неделно ниво има во просек по околу пет кубни метри. Треба да се има предвид дека на теренот на нашата општина при самото собирање и складирање на отпадот се прави селекција на пластика и хартија, а резултат на тоа се помалите количини отпад. Наша обврска, со потпишувањето на договорот, е надоместокот за исфрлање на отпадот навремено да биде плаќан“, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Општина Зрновци.
Обврска на комуналното претпријатие „Водовод“ редовно да го собира отпадот и да го расчистува просторот во депонијата, со што ќе се спречи негово расфрлање во околината и ќе обезбеди одржување на јавната чистота.
Исто така, обврска на Општина Кочани ќе биде обезбедување на 24-часовна чуварска служба на депонијата. Доколку во меѓувреме произлезат прашања коишто не се предвидени со потпишаниот договор, тие дополнително ќе се уредуваат со анекс.
По протестот на граѓаните на Кочани и блокадата на патот кон депонијата кај Бели во текот на октомври и ноември минатата година, трите соседни општини не го исфрлаа комуналниот отпад околу еден и пол месец. Во средината на декември, четирите соседни општини потпишаа меморандум за соработка според кој требаше да се плаќа надоместок за оваа услуга, но уплата немаше со оправдување дека висината на износот е неприфатлив.
Т. А.


