Со средства од ЕУ ќе се доуредува  велосипедска патека во Берово

Во Берово ќе се уредува и доградува постоечката велосипедска патека со должина од околу 22 километри со средства од  новоодобрен проект од  Програмата ИНТЕРРЕГ Бугарија – Северна Македонија 2021-2027.

Се работи за трасирана патека, која во туристичката понуда на Берово се претставува како една од најатрактивни локации за планински велосипедизам. Патеката почнува од меѓународниот пат во туристичката населба Беровско Езеро, преку месноста Кукута  и Бреза, и завршува кај Граничниот премин Клепало, каде се поврзува со асфалтен пат.

Одобрениот проект опфаќа изградба на летниковец од дрвен материјал во месноста Кукута, како место за одмор и рекреација. Потоа соодветна сигнализација по текот на целата велосипедска патека, поставување на сервис за брза поправка на велосипеди и место за одмор, опремено со тоалет и корпи за отпадок. Ќе бидат изработени и две големи информативни табли од дрвен материјал.

Овој проект е еден од осумте одобрени од Приоритет 3 „Интегриран развој на прекуграничниот регион“ на Програмата ИНТЕРРЕГ VI-А меѓу Македонија и Бугарија.

Во оваа прва фаза одобрени се проекти од 12 општини од Македонија и исто толку од Бугарија се планирани 7,7 милиони евра од заедничкиот фонд. На листата на македонски општини, кои добија проекти од ЕУ програмата за прекугранична соработка со Бугарија се и Делчево, Гевгелија, Богданци, Крива Паланка, Старо Нагоричане, Василево, Струмица, Штип, Пробиштип, Македонска Каменица и Карбинци. Општини партнери од Бугарија се Благоевград, Разлог, Ќустендил, Невестино, Дупница, Кресна, Петрич, Струмјани, Сандански, Гоце Делчев, Белица и Јакоруда. Оваа програма од Заедничкиот комитет се најавува како „имплементација на интегрираната територијална стратегија во рамките на програмата и поконкретно развивање на атрактивен, туристички производ за сите сезони преку интелигентни решенија“. Целта е поттикнување на економски раст и иновации, како и поголема конкурентност и зајакнување на соработката на двата погранични региони.

Л.А

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE