Ревизорите утврдија многу административни и финансиски слабости кај блокираната Општина Делчево

Ревизијата на Државниот завод за ревизија на Општина Делчево за 2023 година утврдила дека и по 15 години работа со блокирана сметка, општината не успеала да го врати долгот кон градежната компанија Гранит. Општината не успеала да наплати побарувања врз основа на данок на наследство и подарок, како и надомест за легализација на дивоградбите. Утврдени се слабости со наплатата на данок на имот, при што сопствениците на дополнителен или нов имот не биле задолжени со решенија за наплата на данок од страна на општината. Освен тоа, општината нема никакви приходи врз основа на комунална такса, кои се определени како општински приход со закон – тоа се такси за користење на простор пред деловен простор и комунална такса за реклами, објави и огласи (билборди), привремен престој, користење на музика во јавните локали. Склучувани се договори за плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште на рати, но општината не  обезбедила инструменти за плаќање.

Ревизорите утврдиле и дека Општина Делчево не успеала да наплати побарувања во износ од 41.694 илјади денари (678.000 евра), за кои нема утврдено старосна структура и дали постои законска можност за нивна наплата. Идентично е и со ЈКП Брегалница, чиј основач е општината. Јавното комунално претпријатие за надоместок за одржување на јавната чистота, заклучно со мај 2023 година,  побарува 11.624 илјади денари. Веќе од јуни 2023 година, пртпријатието престанува да искажува побарувања по оваа основа.

Општина Делчево е во постојана блокада од 2008 година, за долг кон ГД Гранит АД Скопје

„Без донесени годишни програми, општината финансирала активности на спортски клубови, спортски здруженија, здруженијата на граѓани и граѓански организации во износ од 1.299 илјади денари, и направила расходи од 1.057 илјади денари без поткрепувачка документација за потрошено гориво, поправка и сервисирање на товарни и патнички моторни возила со замена на резервни делови и транспорт на пумпа (високо притисна) за вода и пожарникарски скали наменети за ТППЕ“, пишува во заклучоците од извршената ревизија на ДЗР.

ДЗР во извештајот потсетува дека Општина Делчево е во постојана блокада од 2008 година, за долг кон ГД Гранит АД Скопје, „поради што работењето на општината резултира со намалена ликвидност и солвентност кои имаат влијание врз целокупното нејзино работење“.

Долгот на Oпштина Делчево изнесува 162.218 илјади денари (2,6 милиони евра) од кои 129.051 илјади денари (2 милиони евра) се неподмирени обврски од ГД Гранит АД Скопје.

„Во досегашното работење, за блокадата на сметката до денот на ревизијата градоначалниците не донеле Одлука за прогласување на финансиска нестабилност, ниту План за мерки за надминување на финансиската нестабилност со цел да се надминат предизвиците со доспеаните, а неплатени обврски. За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица“.

Дел од општинскиот имот во 2012 и 2013 година преку извршители завршил кај доверителите на кои им должела општината. Забелешка на ревизорите е дека општината не поднела приговор во законскиот рок. Се работи за објектот Дом на културата АСНОМ, каде општината е сместена, продадени се 1.407м2 деловни простории и недвижности: училиште, пензионерски домови и зграда, со површина од 1.390 м2 и дворна површина од 1.912 м2.

Што се однесува до сметката за дотации, тоа се средствата што од централниот буџет се префрлуваат за работата на основното и средното образование, социјалната и детска заштита, како и блок дотации од областа на културата и пожарникарството, општината во 2023 година не ги искористила целосно и на 28 декември 2023 година, вратила назад средства во висина од 5.357 илјада денари.

Државниот завод за ревизија во извештаите од ревизијата на сите општински сметки даде повеќе препораки што треба да се применат од службите. Вообичаено, се гледа и тоа дали биле усвоени препораките од последната ревизија, меѓутоа, ревизорите во Општина Делечво последен пат биле во 2008 година, што е предолг период за да може да се направи преглед на подобрување.

Л.А

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE