Гевгелија сè уште без засолниште за жртвите од семејно насилство

Автори:  Петар Јанчев* и Ване Трајков**

Во Гевгелија нема засолниште за жртвите од семејно насилство, а нема ниту т.н. „сигурна куќа“, па жртвите кои претрпеле физичко или психичко насилство во кругот на семејството се упатуваат во центри кои се далеку од родниот град. Тоа најчесто ги предомислува жртвите и тие одлучуваат сепак да останат во домот на насилникот, бидејќи преселбата во друг град каде може да бидат згрижени подразбира нова работна средина и ново училиште за децата.

Општините се должни да предвидат средства од општинскиот буџет за основање и финансирање на вакви шелтер центри. Министерството за социјална политика, демографија и млади еднаш годишно распишува јавен повик за финансирање на вакви центри, што можат да ги основаат и здруженија на граѓани. Меѓутоа, и покрај тоа што расте бројот на жртвите на семејно насилство, оваа специфична дејност на локално ниво останува само пропишана и можна дејност во законите, стратегиите и програмите.

И во Општина Гевгелија, каде поради срам или поради немање соодветна заштита, жртвите се приморани да молчат или да бараат спас надвор од родното место. Во Гевгелија нема засолниште или „сигурна куќа“ каде жртвата може да се „сокрие“ од насилникот, па наместо заштита, повторно добиваат ќотек од партнерот или тортура.

Ова на своја кожа го доживеала 24-годишната А. од Гевгелија, мајка на две деца, од кое едното е ученик. Често била мета на напади од нејзиниот сопруг. Го пријавувала во полиција, но заштитата се сведувала само на неколку часа, за потоа повторно пеколот да почне веќе од следниот ден.

Центарот на Гевгелија, фотографија од приватна архива

„Насилството не беше само психичко, беше и физичкo. Кога ќе се напиеше, стануваше многу агресивен, децата се плашеа затоа што правеше многу проблеми. Бев физички нападната и повредена, за што имам и лекарско уверение. Успеав некако да се разделиме, но повторно немав мир. Доаѓаше, влегуваше дома, ме напаѓаше, ме тепаше. Не можев да одам во продавница, ниту да го одведам детето до училиштето, бидејќи знаев дека каде и да сум, може да ме најде и да ме натепа“, – раскажува младата гевгеличанка.

Сите напади од сопругот таа ги пријавувала во полицијата. Униформираните лица им биле чести гости во домот за да се смири состојбата или го приведувале насилникот. Тој им правел проблеми и на полицајците и не почитувал никакви решенија. А таа постојано била упатувана во Центарот за социјални работи за да се реши проблемот.

„Бидејќи никој не можеше да се справи со насилникот, од Социјалното ми понудија сместување во Центар за згрижување жртви на семејно насилство додека да се смири ситуацијата и додека судот преземе нешто, затоа што не се знаеше кога можам пак да бидам нападната и сум со две деца. Нормално, од Социјалното понудија да се згрижам некаде за да се смири ситуацијата. Ми понудија во Струмица и Скопје “- раскажува нашата соговорничка.

Била убедена дека мир ќе најде откако судот му изрекол казна затвор на насилникот. Но, попусто. Нејзиниот поранешен партнер двапати побегнал од затворот и повторно ја напаѓал младата мајка, која добила и закани за убиство.

„Тој страв ме натера, и покрај сите проблеми што ги имав, да успеам некако, да заминам во странство, за подобра иднина за мене и за децата. Јас не бев задоволна од полицијата, бидејќи кога и да бев нападната, не бев заштитена. Знаеше да се случи и да кажат дека не можат да ме чуваат 24 часа. Донекаде се во право, ама не знам зошто не преземаа нешто кога цело време бев нападната“, вели младата мајка.

Општината со ограничени ресурси за отворање шелтер центар

Случајот на младата мајка е еден од многуте регистирани во Центарот за социјални работи во Гевгелија. Според нивната евиденција, во последните пет години регистрирани се 327 поплаки во кои имало елементи на семејно насилство. Најмногу поплаки вкупно 304, доаѓаат од жени, 15 се од мажи, а четири поплаки има од мали девојчиња.

Лани, во гевгелиската полиција биле пријавени 81 настан со елементи на семејно насилство. Од оваа бројка 64 биле поплаки од граѓани, а 17 се пријавени како кривични дела. Од страна на полицијата поднесени се само 8 кривични пријави.

Во некои од државните документи, се зборува за „епидемија на родово базирано насилство“, поради што последните години направени се повеќе законски измени со кои се даваат надлежности за постапување на повеќе институции. Меѓу другите, од општините се бара родово буџетирање и средства за центри за помош на жртвите на насилство.

Гевгелија не е исклучок од пошироката македонска слика. Согласно податоците на Министерството за социјална политика, демографија и млади за 2023 година, а добиени од 30 центри за социјална работа кои ја опфаї‹аат целата територија на државата, 70% од жртвите се жени, од кои 24% се невработени жени жртви. Од вкупниот бpoj на ново евидентирани жени жртви на насилство, најмногу се жртви на психолошко насилство – 58%, физичко насилство – 32%, а економското насилство е застапено кај 10 % од жените жртви.

Во некои од државните документи, се зборува за „епидемија на родово базирано насилство“, поради што последните години направени се повеќе законски измени со кои се даваат надлежности за постапување на повеќе институции. Меѓу другите, од општините се бара родово буџетирање и средства за центри за помош на жртвите на насилство.

Во Член 33 од Законот за превенција и заштита од семејното насилство пишува: „Единиците на локалната самоуправа, во доменот на превенција и спречување на семејното насилство обезбедуваат заштита на жртвите во заедницата, воспоставуваат центри за згрижување, советувалишта за жртви и советувалишта за сторители на семејно насилство, советувалиште за родители и деца, советувалиште за брак и семејство и други форми за згрижување и помош на жртвите, како и локални СОС линии“.

Наспроти вака дадените надлежности, Општина Гевгелија, како што ни одговорија,  засега ги разгледува можностите за отворање шелтер-центар или кризен центар за ургентно сместување.

„Како Општина, имаме ограничени ресурси во поглед на простор и кадар. Најчесто за воспоставување и подобрување на социјални услуги, локалната самоуправа аплицира на Повиците од Министерството за труд и социјална политика, а тоа го имаме предвидено и во Социјалниот план на Општина Гевгелија во делот на развој на нови услуги до 2026 година“, одговорија  од Општина Гевгелија на прашањето дали размислуваат да се отвори некакво засолниште за жртвите на семејно насилство.

Од 2024 година, Општината преку Програмата за активностите во областа на социјалната заштита ја воведе еднократната парична помош во висина од 6.000 денари за жени- жртви на семејно насилство.

Први чекори од граѓанските здруженија

Од Општина Гевгелија подвлекуваат дека до нив нема иницијатива или барање од граѓани или граѓански организации за отворање шелтер-центар или засолниште за ургентно сместување.

Во Гевгелија до пред неколку месеци не постоеше здружение кое се занимава со темата родово базирано насилство. Законот исто така предвидува лиценцирано здружение да може да дава заштита на жртвите, преку отворање на центри каде би се згрижиле. 

Изминатите месеци, првиот чекор го направи граѓанското здружение Поддршка од Гевгелија, имплементирајќи го Проектот: „Еднакви права за сите“. Виолета Христова од ова здружение истакна дека до релевантите чинители ја потенцирале потребата од развивање специјализирани услуги за жени жртви на семејно насилство.

„Заклучокот од работилницата со стручен експерт, произлезен од претставници на надлежните институции и НВО-секторот, е дека на локално ниво главните предизвици во справувањето со семејното насилство врз жени и родово базирано насилство се немањето соодветни просторни услови за работа со жени и деца кои преживеале насилство, како и локални специјализирани услуги за поддршка, превенствено интервентно сместување. Како и специјализирани тимови и професионалци кои би биле посветени само на оваа проблематика,“ сподели Христова.

Општина Гевгелија, фотографија од приватна архива

Сепак, Христова вели дека како здружение не можат ништо да направат за отворање шелтер-центар или интервентен центар за привремено сместување, освен да делуваат во подигањето на свеста за пријавување на насилството, како во градот, така и во населените места од Општина Гевгелија, посебно во руралните средини.

Откако ќе се констатира дека е жртва на семејно насилство и постои безбедносен ризик за самата личност, Центарот за социјални работи од Гевгелија нуди сместување, но не во Гевгелија, туку во најблиската соседна општина Струмица, или пак многу подалечната дестинација - Скопје. Најголемиот дел од жртвите не сакаат да го напуштат родното место. Се плашаат дали и колку ќе успеат во новите средини, посебно кога се со деца.

Според неа, жените одбиваат да бидат сместени во шелтер-центри надвор од Гевгелија бидејќи тоа е сложен процес кој вклучува многу одлуки и дејствија што се случуваат во период од месеци или години. Или пак, затоа што по краток временски период од насилството, тие под влијание на средината, сопствените ставови и предрасуди се враќаат повторно кај насилникот, во домот каде што насилството повторно продолжува.

Според Истанбулската конвенција, на секои 50 илјади жители потребен е еден шелтер-центар. Државата има основано само 4 шелтер-центри, и тоа во: Скопје, Битола, Свети Николе и Кочани. Во Југоистокот, којшто според последниот попис брои околу 170 илјади жители, има само еден центар и тоа во Струмица, кој настана како иницијатива на граѓанско здружение.

Шелтер центарот во Струмица е отворен како резултат на соработката меѓу граѓанскиот и бизнис-секторот, со поддршка на Општината и црквата. Неодамна, здружението Скај плус, кое го координира шелтер-центарот, издаде прирачник во кој се наведуваат сите постапки за отворање засолниште за жртвите на семејно насилство.

Жртвите преферираат да останат во родниот крај отколку да го напуштат

Откако ќе се констатира дека е жртва на семејно насилство и постои безбедносен ризик за самата личност, Центарот за социјални работи од Гевгелија нуди сместување, но не во Гевгелија, туку во најблиската соседна општина Струмица, или пак многу подалечната дестинација – Скопје. Најголемиот дел од жртвите не сакаат да го напуштат родното место. Се плашаат дали и колку ќе успеат во новите средини, посебно кога се со деца.

„Кога жртвата не прифаќа да биде сместена во шелтер-центар, а постои висок ризик по нејзината безбедност и повторување на насилството, Центарот за социјална работа свикува мултисекторски тим, составен од стручни лица од Центарот, надлежна полициска станица и здраствена установа, кој изготвува безбедносен план за помош на жртвата и презема координирани активности за помош и заштита на жртвата“, вели Сашка Карајанова од Центарот.

Само две жени жртви на семејно насилство прифатиле привремено сместување во шелтер-центар преку Центарот за социјални работи во Гевгелија.

„Во изминатите 5 години имаме обезбедено привремено згрижување во шелтер-центар за две жени жртви, и тоа една жена жртва од Општина Гевгелија и една од Општина Дојран.  Најчеста причина зошто жртвите не прифаќаат сместување во шелтер-центар е тoа што шелтер-центрите се наоѓаат во други општини, што значи дека жртвата треба да ја промени средината на живот, доколку има деца да ги отпише од училиште и сл.“, вели Карајанова.

Од единствениот шелтер-центар на Југоистокот, во Струмица, велат дека должност им е да прифатат жртва од која било општина за да им обезбедат сигурна средина.

„Кај нас престојуваат максимум една година, во зависност од ризикот. Освен што им нудиме сместување, имаме и ресоцијативен и реинтегративен дел. Доколку жртвите се со деца, им нудиме и продолжување на наставата овде во училиштата во Струмица, веднаш по периодот на адаптација во новата средина“, вели Стоилка Митева од Здружението Скај Плус.

Судот во Гевгелија лани осудил 55 лица за семејно насилство

Во гевгелискиот суд лани биле пријавени 147 случаи на семејно насилство од страна на Центарот за социјални работи или од гевгелиската полиција. Биле процесуирани 130 случаи во кои е утврдено дека има физичко и психичко насилство, а во 110 случаи се изречени привремени мерки кои се однесуваат на сторителот. Станува збор за упатување на лекување, забрана за малтретирање, вознемирување или приближување на жртвата. Лани во 21 случај насилникот бил отстранет од домот во траење од 30 дена

Минатата година регистрирани се 55 кривични пријави за семејно насилство за кои судот постапувал. Во 44 предмети се донесени условни пресуди, за 10 случаи има затворска казна, а еден случај е одбиен. Од судот одговорија дека најчесто сторители се мажи, а најчести жртви се сопругите.

Годишно, Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа – Гевгелија до Основниот суд во Гевгелија поднесува во просек околу 25 предлози за изрекување привремени мерки за заштита на жртви од семејно насилство. Во член 57 од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство стои дека насилникот е тој што треба да се отстрани од домот и да има забрана за приближување. Но, во најголемиот дел од случаите жртвата е таа која го напушта домот, а не насилникот.

* Петар Јанчев е граѓански активист од Регионален центар за одржлив развој – Гевгелија.

** Ване Трајков е новинар.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE