Во тек е огласот за субвенционирање на струјата од 1000 денари месечно за најранливите категории на граѓани

Две групи на ранливи потрошувачи на енергија се повикани да поднесат барања за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за 2025 година на јавниот оглас што трае до 19 април. Огласот што го распиша Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ќе додели средства на граѓаните за намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија изнесува 1.000 денари месечно за период од 12 месеци, почнувајќи од денот на поднесување на барањето.

За разлика од повиците од претходните години, оваа година право на поддршка имаат само две категории – домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост, корисници на посебен додаток, со вкупен нето доход во 2024 година под утврдените граници (од 42.000 до 80.000 денари, според бројот на членови) и згрижувачи на лица, корисници на надоместок за згрижување, чиј доход не го надминува предвидениот праг (според бројот на членови во домаќинството (од 42.000 до 160.000 денари).

Пензионерите со ниски примања не можат да учествуваат на овој оглас, кој не се однесува на „оние што веќе примаат паричен додаток за енергенси или финансиска поддршка за стари лица“. На оваа измена реагираше пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, која смета дека неправедно се изоставени пензионерите со ниски пензии и семејствата со ниски приходи.

„Во Програмата од јануари 2024 година, која ја донесе Владата на СДСМ, беа опфатени сите граѓани, самци и семејства, чиј вкупен нето доход кој подлежи на оданочување согласно Законот за данок на личен доход на месечно ниво на членовите на домаќинството во 2023 година не го надминувал износот од 21.000,00 денари за самец, 30.000,00 денари за домаќинство со два члена, 35.000,00 денари за домаќинство со три члена, 40.000, 00 денари за домаќинство со четири члена, 45.000,00 денари за домаќинство со пет члена и повеќе“, рече Тренчевска во Собранието на РСМ.

Со претходната Програма, годишно субвенции за сметките за струја добиваа околу 7.500 домаќинства со ниски примања. Овие семејства добиваа од 600 до 800 денари месечно.

Пријавувањето за добивање на субвенциите е по електронски пат. Обрасците се достапни во архивата на министерството и на веб-страницата: www.ea.gov.mk, соопшти Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Р.Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE