Во Општина Карбинци за легализација на куќите се чека и по 15 години

Барање за легализација на семејна куќа во селото Радање, во Општина Карбинци, кое датира од 2013 година, дури деновиве стигна на разгледување пред општинските служби. Од документите во кои имавме увид, се гледа дека сопственикот доставил елаборат, докази за сопственост, заедно со барањето за легализација и останатите документи потребни за легализација. Меѓутоа, проблемот според градоначалникот Виктор Паунов е во големиот број на заостанати предмети во општината, како овој, на кои наишол уште со неговото доаѓање на чело на општината во 2021 година.

Се работи за имоти во 29 населени места во руралната Општина Карбинци, од кои само две села имаат урбанистички планови. Проценка на Паунов е дека граѓаните на Карбинци од почетокот на процесот на легализација во 2011 година, поднеле меѓу 1500 и 2000 барања за легализација на објекти.

„За овие неколку години решени се околу 200 барања за легализација на кои работат во Одделение за урбанизам. Правничката заедно со уште двајца административци работи на овие предмети. Истите службеници работат и на другите обврски што ги имаат,“ изјави градоначалникот Паунов. Градоналникот објаснува дека легализацијата на еден предмет не е само разгледување на документите, туку треба да се излезе на терен, се прави проценка, се разгледува елаборатот. Паунов вели дека легализацијата навистина оди бавно, особено што се работи за имоти во места без донесени урбанистички планови.

„Донесувањето на еден урбанистички план е скапа работа и сами тоа не можеме да го направиме. Ни треба помош од Министерство за транспорт и врски и од Владата. Легализацијата не е воопшто едноставна работа, се тргнува по Правилници и критериуми. Имаме и одбиени предмети,“ рече Паунов.

Малку се предметите за легализација на имоти на правни лица. Доминираат барањата на граѓаните. Еден дел од тие што ги поднеле барањата, не успеале да го доживеат легализирањето, па сега се предмет и на оставински постпаки, со кои се занимаваат нивните наследници. Со оглед на тоа дека во поголем дел од селата нема донесени урбанистички планови (со исклучок на селата Карбинци и Таринци), сите објекти во селата, се сметаат за дивоградби и подлежат на процесот на легализација. Ова е пречка и при склучување на купопродажни договори. Од 29 села во општината Карбинци, шест се поголеми, додека има и околу десетина кои останале без жители. Општина Карбинци со последниот попис од 2021 година има 4012 жители.

Р.Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE