Лицата со интелектуална попреченост во Струмица продаваа велигденски експонати кои сами ги изработувале

На импровизираниот штанд во центарот на Струмица, лицата со интелектуална попреченост од ЦПЛИП Порака ги изложија за продажба велигденските сувенири што ги изработувале со своите родители. Понудија повеќе од стотина експонати,  изработени од текстил, хартија, трева, дрвца во кои преовладуваа велигденските мотиви и шари. Кошнички за јајца, рачно изработени и украсени велигденски јајца, декоративни предмети, зајачиња, плетенки со христијански белези, беа дел од производите што ги понудија лицата со интелектуална попреченост од Струмица кои работат во Социјалниот клуб.

Фотографија од базарот во организација на ЦПЛИП Порака

„Имаме Социјален клуб во рамките на Порака во Струмица каде три пати неделно се собираме и работиме, секако според можностите на нашите деца кои веќе се младинци. Со наша помош тие работат и ги украсуваат декорациите. На тој начин стекнуваат одредени работни вештини, а паралелно и се дружат меѓу себе. Имаме велигденски украси и кошнички за велигденски јајца. Ги продаваме по симболични цени, а парите кои ги собираме ги користиме за купување нови материјали потребни за нови изработки, но и за набавка на одреден дидактички материјал“, ни изјави Соња Сачевска, претседателка на струмичкиот центар Порака.

ЦПЛИП Порака секоја година за Велигден организира Базар. Членовите на овој центар, изработуваат декорации и украси и за новогодишно-божиќните празници.  Родителите сметаат дека е потребна поголема поддршка на овие лица за да бидат мотивирани во иднина за да работат повеќе.

„Лицата се активни во текот на цела година и апелирам дел од овие експонати да бидат пуштени во трговската мрежа, со напомена дека се рачни изработки на лица со попреченост. Мислам дека на тој начин нашите деца ќе бидат мотивирани уште повеќе. Зборувам воопшто за сите наши акции што ги правиме, не само за овие сувенири и експонати, туку и за другите празници“, кажа Виолета Туџарева која со својата ќерка изработиле десетина сувенири.

Штандот на ЦПЛИП Порака го посети и првиот човек на Општина Струмица, Костадин Костадинов. Тој купи неколку велигденски експонати и упати порака за хуманост и поддршка на овие лица кои секоја година за Велигден, самостојно организираат базар и нудат рачни изработки.

„Струмица е место каде што срцата на луѓето чукаат во ритамот на добрината, град во кој сите уживаме во неговите убавини, но уште повеќе во човечноста која се чуствува на секој чекор. Базарот на Порака е настан исполнет со насмевки и искрени емоции кој уште еднаш докажа дека хуманоста е силата што нѐ обединува. Гордо е чуството да се биде дел од заедница што знае како да љуби, поддржи и покаже дека секој човек е важен“, објави градоначалникот Костадинов.

Со Велигденскиот базар, како што кажаа родителите, тие ја испраќаат и пораката за поголема инклузија и градење на локална заедница без предрасуди и прифаќање на различностите.

В.Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE