Струмичките еколошки активисти од Здрава котлина поднесоа кривична пријава за градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, проследена со документација на околу 120 страници. Причината е леарницата што се гради кај селото Смоларе.
За нив тоа е опасен индустриски објект кој е закана за животната средина и чистата вода за пиење. Сметаат дека градоначалникот направил прекршување прикажувајќи го објектот дека е со намена за лесна индустрија – која носи ознака Г2, додека според Здрава котлина објектот треба да се класифицира со ознака Г1 – тешка и загадувачка индустрија.
„Имаме докази во документи, видео снимки и сведоштва, многу материјал што треба инситуциите да го обработат и да реагираат“, смета Ѓорѓи Танушев од Здрава котлина.
Активистите аргументираат дека леењето на легури од алуминиум е обоена металургија со законска класификација Г1.3 и која како тешка и загадувачка индустрија не може да се гради на помалку од 5 километри од населено место или заштитено подрачје.
Активистите наведуваат дека градоначалникот на Општина Ново Село самоволно и незаконски го прогласил објектот каде ќе се загрева и лее алуминиумот за објект од Г2 категорија, односно лесна и незагадувачка индустрија, иако во целата класификација на Г2 не постои таков опис.
Потегот на активистите од Здрава котлина е одговор на десетиците кривични пријави кои изминатиот период стигнале на нивна адреса. Тие велат дека ова е класичен пример на таканаречени „слап тужби“ кои се злоупотребуваат за да се замолчи јавноста.
Градоначалникот на Општина Ново Село, Божинов, вели дека е спокоен и со мирна совест. Смета дека зад ваквите реакции на активистите има политички мотиви за негова дискредитација.
„Чистата животна средина е и моја определба. Не само како градоначалник, туку и како човек, со оглед дека јас и моите роднини живееме тука“, рече Божинов.
Официјално, објектот се најавува како хала за приоизводство на алуминиумски одливци. Локацијата е на 50 метри од реката Струмица, непосредно покрај регионалниот пат кој води до селото Смолари и Смоларските водопади, на 500 метри од селото Самуилово,
Леарницата за алуминиум предизвика сериозни негодувања кај локалното население. Во Ново Село се одржаа и два протеста против нејзино отворање.
С.М


