По ланскиот, долг и интензивен пожар на планината Буковиќ над Пехчево, кој траеше 10 дена, доброволните пожарникари го дополнуваат списокот на неопходната опрема за гаснење шумски пожари. Но, и на опрема која им недостасува, особено што пожарникарите се нашле во животозагрозувачки моменти, а неколку завршиле со изгореници, дехидритација и вдишување на чад. Тогаш во огнените пламени останале заробени неколку од нив кои за среќа се извлекле со полесни изгореници. Во текот на ланскиот пожар, им изгоре единственото возило за шумски пожари.
„Сега имаме возило само за урбани пожари, ама ни недостасува уште лична заштитна опрема, правиме напори да обезбедиме беспилотно летало – дрон со термална камера, долг домет на летање и батерии со висок капацитет, кое ќе ни помогне во рана детекција на жаришта и брза интервенција. Клучот е во едукација и строга законска регулатива. Потребно е да се подигне свеста кај граѓаните за штетата од пожарите, да се засилат контролите и санкциите за оние што ги подметнуваат. Исто така локалните заедници треба активно да се вклучат во заштитата на шумите и пријавување на сомнителни активности,“ вели Дејан Вазлиски, претседател на Доброволно противпожарно друштво во Пехчево.
Деновиве, особено за време на велигденските празници, Кочанско поле не престана да чади. Гореа стрништа во оризовите полиња, како подготовка за новата сеидбена сезона. Пожарите почнаа уште во рана пролет, а според податоците на Центар за управување со кризи во март, само во еден викенд низ целата држава имало 60 пожари, од кои еден шумски.
Делувањето на пожарникарите е суштинско во моменти кога зависат животи, како што беше случајот со пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, каде животот го загубија 62 млади лица, а над 200 беа повредени. Меѓу повредените беа и тројца пожарникари.
Но, и во Кочани наместо неопходните 33 пожарникари за покривање на целиот регион – Кочани и соседните општини Зрновци и Чешиново-Облешево, во професионалната единица има само 16 пожарникари, со просечна старост од 48 години. Имаат стар возен парк, а блок-дотациите стигнуваат само за плати. За лична и друга опрема, чекаат на донации.
Кога ќе се случат големите пожари, особено кога има човечки жртви, тогаш почнува да се зборува за тоа колку разорен е огнот, а колку малку сме подготвени во секоја смисла, за потоа да се заборави. Така и во оваа „предсезона“ на пожари.
Р.Л.


