Започнаа работите на адаптација на модуларната болница во Штип во специјалистички амбуланти

Во некогашната модуларна болница во Штип, каде се лекуваа болните од Ковид – 19, од вчера почнаа работите на преадаптација. Се преградуваат просториите, кои според директорот на Клиничката болница, Владко Захариев, ќе се пренаменат во специјалистички амбуланти. Сегашните амбуланти од Приемното одделение во приземјето на главната болничка зграда ќе се преадаптираат во Ургентен центар.

„Се работи на преградување и реконструкција на модуларната болница, со тоа што ќе направиме прераспределба – тие амбуланти што се полесно мобилни, да бидат пренесени во модуларната болница, додека тие со потешка апаратура ги планираме за втора фаза. Откако ќе се префрлат амбулантите, ќе започне уредувањето на просторот за новиот Ургентен центар на местото на сегашните специјалистички амбуланти,“ изјави денеска д-р Захариев.

Најголемата потреба на пациентите се специјалистичките амбуланти од областите Ортопедија, Интерна медицина, Хирургија и Неврологија. Годишно во овие амбуланти се прегледуваат на 150.000 пациенти.

Се очекува работите на преадаптација на модуларната болница да завршат за месец до месец и половина. Општина Штип ќе изгради паркинзи и ќе го доуреди околниот простор. Модуларната болница се наоѓа на самиот крај од комплексот и беше честа мета на крадци и стоеше неискористена.

Со новата реорганизација од Клиничка болница најавуваат растоварување на главната зграда, која во исчекување на завршување на новата болница не се обновува, туку се прават само неопходните поправки. Изградбата на новата болница е во застој повеќе од три години.

Неодамна од Владата беше најавено дека се преговара со нов инвеститор во Велика Британија. Но, и по еден месец од најавата, засега нема потврда за продолжување на работите.

Р.Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE