Државните инспекциски контроли се одразија на угостителскиот сектор во Делчево

Ефектите од засилените инспекции по пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, ги почувствуваа и делчевските компании, пред сѐ тие од угостителската дејност. Како реакција на засилениете инспекции, сопствениците на угостителските објекти прво се ослободија од хонорарно или неформално ангажираните лица, кои работеа како келнери и друг помошен персонал.

Сопствениците на делчевските кафулиња и ресторани зборуваат за  новото прилагодување, особено со скратување на бројот на маси на отворените тераси и во просторите за кои инспекторите утврдиле дека не ги исполнуваат урбанистичките услови. Дел од овие објекти зафаќаа јавен простор или пак, немале комплетна документација.

„Текстилната индустрија и угостителството се стожери на локалниот економски развој во Делчево. Во текстилната индустрија поради глобалните економски проблеми периодов има намалување на нарачките во Делчево, а со тоа и намалување на бројот на ангажирани лица. И со евидентното намалување на работните места во угостителството, јасно е какво е влијаението врз градот. Од приказната за Европа остана само празната економска зона, со ниту една странска инвестиција. Затоа е разбирливо зошто толку многу делчевчани секоја среда и сабота ги полнат автобусите кои вршат превоз на патници во странство, или поконкретно во Италија, каде има потреба од работници во земјоделството, или во Хрватска, каде има потреба од работници во угостителството“, вели социологот Зоран Биковски од Делчево.

Намалувањето на економската активност во угостителската дејност директно се одразува кај локалните добавувачи. Локал Актив разговараше со еден од сопствениците на дисконти од кои се снабдуваат угостителските објекти, кој ни рече дека неизвесна е иднината и на неговата компанија, иако со саботното доаѓање на бугарските туристи, угостителството во Делчево станува бренд.

„Не планирам да го ширам бизнисот, веќе станува ризично. Зарем малку беше што се намали потрошувачката поради иселувањето, сега и затворање на угостителски објекти? Угостителството е наш бренд и извор на егзистенција за многу семејства. Ова е удар и за месарите, за сите во Делчево. Знам дека со летото ќе дојдат и нашите иселеници, но ова е неиздржливо и некако не оди на подобро“, ни изјави бизнисменот.

Засилените контроли на пазарната и другите инспекции се насекаде низ државата, не само во Делчево. Според редовните, неделни извештаи на Државниот пазарен инспекторат, најчесто констатираните прекршување се однесуваат на одредби до Законот за угостителска дејност, по што следат прекршувањата на Законот за трговија.

„Во период од 07.04.2025 до 13.04.2025 година, Државниот пазарен инспекторат изврши 502 надзори низ цела територија на Македонија, за што се издадени 192 прекршочни платни налози во вредност од над 3.705.902,00 денари“, пишува во еден од неделните извештаи на ДПИ.

Р.Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE