Штип и Дојран ќе ги мерат силите со „Д-фест“ и „Д-фестивал“

По одлуката на Пасворд продукција да го пресeли во Штип летниот фестивал “The-festival”, кој 14 години се одржуваше покрај Дојранското Езеро, општина Дојран објави дека ќе продолжи со концептот на фестивалот, но со скратено име – „Д-фест“.

Од општината Дојран за последната седмица од 25-ти до 27–ми јули, најавува врвни изведувачи, диџеи, музичари, креативни работилници со можност за кампување по крај езерото.

„И покрај тоа што успешната долгогодишна соработка со претходната продукција згасна, на наше непријатно и неочекувано изненадување, сепак продолжуваме со нова продукциска куќа Вижуал Продакшн, подготвена да понуди огромен број изведувачи и артисти за незаборавни доживувања!“, најави градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.

Од познатите имиња кои ќе дојдат во Дојран, најавени се Сенида, ДЏ Мосел, ДЏ Диволи, ДЏ Никифор, ДЏ Јоргос, ќе има две сцени во градскиот парк со целодневна програма, додека главната сцена ќе биде на паркингот на „Гранит“.

Три недели порано, од 5-7 јули, во Штип, во подножјето зад Исарот е закажан “The festival”. Организацијата е на Пасворд продукција и општината Штип. Овој фестивал се организира по 15-ти пат, но за прв пат во Штип. Засега нема најава на ниту еден изведувач.

На прашањето на Локал актив за детали за организацискиот дел на фестивалот, од општината Штип кратко одговорија дека на 21 мај е планирана заедничка прес конференција со Пасворд продукција, кога ќе бидат соопштени сите детали.

„Верувам дека „Д фестивал“ ќе ја зголеми културата во нашиот град, можностите, но и од аспект од јакнење на локалната економија. Многу е важно што три дена во месец јули во градот Штип ќе дојдат илјадници посетители, ќе го закупат целиот град, целиот сместувачки капацитет, градот ќе живее во ритамот на фестивалот“, рече Иван Јорданов, градоначалник на Штип, најавувајќи ја преселбата на познатиот фестивал (март 2025).

Познато е дека камп зоната, што е особено атрактивна за младите, ќе биде поставена веднаш до пешачката патека покрај реката Брегалница, каде ќе има и неколку бини.

Преселбата на фестивалот во Штип, ја следеа јавни искричења меѓу општината Дојран, како досегашен домаќин и организаторот Пасворд продукција.

Двата града очекувано го сметаат фестивалот за значајно летно освежување и во смисла на забава, но и од економски аспект.

Општина Штип заедно со јавните претпријатија, според најавите, ќе има доста работа со уредување на просторот, кој засега делумно останал недопрена природа, ќе треба пристапен пат, но и останата логистика, како струја и друго инфраструктурно уредување.  

Р.Л

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE