Иако првично беше најавено дека локацијата на Д фестивал (The festival) ќе биде зад Исарот, на брегот на Брегалница, организаторите сепак се одлучија да го преместат во поурбана локација, на Градскиот стадион. Ова е еден од новитетите што беа соопштени на заедничката прес конференција, која се одржа во Домот на млади во Штип во четвртокот (22 мај).
Вториот значаен новитет е што влезот за настаните од 4-6 јули ќе биде бесплатен, но со повик да се купи влезница од 1.500 денари, со што средствата ќе се донираат за повредените и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, во соработка со иницијативата Support Kocani.
„Д фестивал не е само простор за забава и уметност, туку и платформа за добрина, поддршка и заедничко делување. Веруваме дека културата има сила да сплотува и да ги поттикнува токму тие вредности. Па затоа ова лето, заедно ќе бидеме дел од едно поинакво, посветено издание на Д Фестивал“, рече Катерина Евго од Пасворд Продакшн, организаторот на Д Фестивал.
Подолго време се очекуваше соопштувањето на програмата на 15-тото издание на фестивалот, кој оваа година од Дојран се пресели во Штип. Популарната камперска зона, што беше карактеристична за Дојран, оваа година ќе изостане.
На главната бина и Москито Стејџ во трите вечери од најголемиот фестивал на отворено во држававата ќе настапат повеќе од 30 музички изведувачи, а ќе доминираат македонските изведувачи.
„Ќе настапат најрелевантните претставници на современата македонска музичка сцена, уметници кои со своето дело веќе оставија неизбришлива трага, но и сѐ уште ја восхитуваат музичката јавност со своето творештво и сценски изведби: Архангел, Кирил Џајковски со TK WONDER и ROOTSMAN I, Мизар, Фолтин, Љубојна, Пијан славеј, Паркети, Дина Јашари, Peach Vice, Dope kukjata, Последен удар, Princess Donatsu, Don Playa, ZEE & Matej Foltz, Кем, Moira, Nikartic, Gwass, диџеите Флудер и Мана“, соопштија организаторите.
Од светските имиња, на Д Фестивал настапуваат британските дарк-рок пионери Тhe Sisters of Мercy, Inner Circle од Јамајка, потоа бразилско-американскиот метал бенд Soulfly, а во Штип ќе настапи и третопласираниот артист од финалето на Евровизија, Тommy Cash, познат по рефрените „Еспресо макијато“.
Од регионалните ѕвезди на Д Фестивал во Штип доаѓаат Бич Кесиди и С.А.Р.С.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, на прес конференцијата рече дека со Д Фестивал, градот Штип ќе ја прошири својата културна понуда и во летниите месеци.
„Верувам дека со овој фестивал, Штип ќе добие и една нова можност за културен туризам. Значењето на Д Фестивал ќе биде големо за нас како град и за локалната економија со тоа што илјадниците гости на Д Фестивал ќе ги користат нашите капацитети за време на фестивалот”, кажа Јорданов.
Билетите со кои се донира за за Кочани се веќе во продажба преку веб-страницата МкТикетс, на: https://mktickets.mk/event/d-festival-2025/
Р. Л.


