Професионалци од британската организација „Операција Флоријан“ ќе ги обучуваат доброволните пожарникари од Пехчево

Во Пехчево деновиве престојува тим од организацијата Операција Флоријан од Велика Британија, која е добро позната во Источниот регион по неколку десетина донации во возила и опрема за противпожарните служби. Овој пат британскиот тим волонтери, предводен од проектниот раководител Стив Џордан, дојде во Пехчево со најава дека обезбедуваат обука  за членовите на ДПД Пехчево за ефикасно справување со пожари и други катастрофи.

Најавено е доаѓање на сертифицирани инструктори од Велика Британија, кои ќе ги обучуваат пехчевските пожарникари. Се работи за волонтери од сите нивоа на противпожарната и спасувачка служба на Обединетото Кралство и други организации за итна поддршка. Сите тие имаат богато искуство и експертиза.

Фотографија од членовите на ДПД Пехчево

Претходно, во декември 2024 година, ДПД Свети Николе на ДПД Пехчево му донираше едно возило за гаснење на пожари, кое го добија токму од Операција Флоријан. Пехчевските пожарникари останаа без современо противпожарно возило, откако им изгоре во шумскиот пожар ланското лето.

Се работи за двотонско навално возило за урбани пожари, кое може да гаси и помали шумски пожари, има и 4 пара скали како и една 13,5 м скала што може да достигне до четврти кат на зградите.

Стив Џордан од Операција Флоријан со градоначалникот Александар Китански потпиша и Меморандум за соработка со Општина Пехчево, како поддржувач на волонтерите од доброволното противпожарно друштво. Општината нема професионална противпожарна единица и справувањето со пожарите е препуштено на волонтерите – пожарникари.  

„На средбата се разговараше и за идната продлабочена соработка, со фокус на зајакнување на противпожарните капацитети, подобрување на безбедноста на нашите граѓани и заштита на природните ресурси. Особено беше потенцирана потребата од инклузија на жени во редовите на противпожарниот сектор – како важен чекор кон правична, еднаква и современа заштита од пожари на локално и на национално ниво“, соопшти Општина Пехчево.

ДПД Пехчево има 27 волонтери, но останува проблемот со опремата и недостаток на специјализирани возила. Операција Флоријан, од друга страна, освен обезбедувањето на професионална обука, е позната по донациите од противпожарни возила, амбулантни возила и друг вид на возила, сите целосно употребливи. Во Источниот регион, со донираните возила се гасат пожари во Штип, Кочани, Берово, а сега и во Пехчево.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE