Со хуманитарен концерт на плоштадот, струмичани се сеќаваа на Џоко Ѓоргиев, прерано починатиот тапанар на ДНК

Младите од Струмица, предводени од искусни музичари, одржаа хуманитарен концерт на градскиот плоштад, во сеќавање на младиот Џоко Ѓоргиев, тапанар на групата ДНК, кој трагично загина во пожарот во дисотеката Пулс. Низ песни, музика, аплауз и солзи, струмичани се присетуваа на талентираното русокосо момче кое имаше место во срцата на своите сограѓани.

Меѓу стотиците граѓани присутно беше и семејството на младиот Џоко. Се прочита и лична порака од неговата мајка, која  го спореди со цвет – ретка ружа, која прерано го напушти ова место.

Семејството на Џоко Ѓоргиев

„Човек како човек, ја сака најубавата ружа што ќе ја види – ете затоа ти беше една од најубавите ружи што прерано нè напушти. Но, твоето присуство сè уште се чувствува меѓу нас. На таа ружа корените никогаш нема да се откинат. Уште чувствуваме како растеш. Твојот мирис остана, тивко нè потсеќа на љубовта што ја имаше спрема секој еден човек. Само што не знаев дека мирисот може да донесе болка. Се чувствува толку силно и боли уште посилно, но твојот лик и твојата душа денес пак ги сплотија душите на многу луѓе, пак си ти причината да се обединиме и пак силно се чувствува твојата енергија на тапанот. Отсекогаш беше сакан помеѓу луѓето и засекогаш ќе останеш во нашите срца. Те сакаме бато Џоче“, стои во пораката на неговата мајка.

Во соработка со Црвен крст Струмица, на плоштадот беа поставени штандови со кутии за донации. Организаторите порачаа дека секој дар, колку и да е, носи светлина во нечиј мрак.

„Овој концерт не е само културен настан, тој е симбол на љубовта што не згаснува, на спомените што живеат во секој тон, и на луѓето кои, иако повеќе не се со нас, продолжуваат да пулсираат во нашите срца“, порачаа организаторите, пријатели на Џоко Ѓоргиев.

С.М.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE