Во Дојран изградена езерската пречистителнастаница – се чека да почне со работа

Пред стартот на летната сезона во Дојран конечно се очекува да проработи  новата и современа пречистителна станица за отпадни води со која ќе обезбеди поголема и поефикасна заштита на Дојранското езеро. Станицата која се градеше последнава година е завршена – потребно е  уште да се премости канализациската мрежа – текот од старата и дотраена мрежа да се насочи кон новата која се наоѓа на околу 100 метри од сегашната.

Градоначалникот на Дојран Анго Ангов вели дека конечно се затвора едно поглавје кое беше проблем за дојранчани, но и за заштитата на езерото.

„Освен изградба на нова современа пречистителна станица изминатиот период работевме и на санација и рехабилитација на колекторскиот систем стар четири децении за прифаќање на отпадните фекални води . Со реализацијата на овие два крупни проекта, завршуваме една огромна работа за заштитата на езерото“, вели градоначалникот на Дојран Анго Ангов.

Новата пречистителна станица чини 1,4 милиони евра додека санацијата и реконструкцијата на колекторскиот систем за отпадни и фекални води приближно два милиони евра. Парите за овие два проекта се обезбедени со одлука на македонската Влада преку Министерството за животна средина и просторно планирање, а делумно и од амбасадата на Република Словенија во земјава, во соработка со граѓанската организација „Милиеуконтакт“.

„Проектот за нови пречистителна станица и санација на колекторскиот систем не е само од национално туку и од меѓународно значење. Бидејќи Дојранското езеро е заштитено со Рамсарската конвенција за заштита на светските мочуришта, и тоа е дел од иницијативата  Балкански зелен појас кој е важен елемент на миграцискиот пат за многу птици. Затоа решивме активно да го поддржиме овој проект бидејки сакаме и идните генерации да уживаат во убавините на Дојранското Езеро“, соопштија од амбасадата на Словенија кога пред две години почна да се реализира овој проект.

Проектот поврзан со прочистителната станица е дел од поголема иницијатива вредна приближно 4,5 милиони евра, а со која се планира и изградба на две мини пречистителни станици и канализациски систем во селата Фурка и Црничани. Околу 65% од овие средства обезбедува македонската влада, а дополнителни 35% обезбедува владата на Република Словенија.

В.Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE