Се отпуштаат работници, но не само поради намалените нарачки, туку удел има и државата

Во текот на изминатиот месец меѓу 150 и 200 работници во шест компании од Штип и источниот регион добија откази поради затворање на фирмите. Ова е статистиката на здружението Гласен Текстилец, чија иницијатива Гласен синдикат посредувала во обезбедување на подобри услови за заминување од компаниите кои се затвораат. Се работи главно за компании од текстилната индустрија, но има и од други сектори.

Наспроти тврдењето на работодавачите обединети во своите здруженија дека главен проблем за отпуштањата се намалувањата на нарачките од странство, Кристина Ампева од Гласен синдикат вели дека проблемот е дома.

Компаниите, вели Ампева, се жалат на високи давачки кон државата, а и со месеци не добиле поврат на ДДВ. Од друга страна, на заштитните трговски друштва каде работат лица со попреченост, од септември лани не им биле исплатени средствата за придонесите за пензиско и здравствено осигурување, што им се гарантирани со закон. На овие компании државата има обврска да им исплаќа средства 15 дена по исплатата на платите на вработените.

„Овие работници се најзагрозената категорија во моментов. Во однос на отпуштањата, одамна зборуваме дека субвенционирање на придонесите од страна на државата ќе спаси многу работни места. Државата нема стратегија, власта се слика со странски инвестиции, додека цели градови како Штип, Кочани, Прилеп се опустошуваат со затворањето на компаниите. На удар се возрасни работници со децении работен стаж, кои тешко се прилагодуваат на пазарот на труд“, вели Кристина Ампева.

Отпуштените работници добиваат отказни решенија со кои добиваат надоместок во случај на невработеност. Но, и тоа не е трајно решение, бидејќи надоместокот е привремено решение, кое зависи од должината на работниот стаж. По овој период, доколку не успеат да најдат друга работа, работниците остануваат без приходи.  

Претставниците на текстилните компании тврдат дека отпуштањата ќе продолжат, бидејќи нарачките од странство или се намалуваат или работата се сели во други држави, кои работат за пониски цени. Најавата е дека околу 5000 работници во оваа индустрија би можеле да ги загубат своите работни места. Во текстилната индустрија работат околу 30.000 луѓе.

Државата неодамна го објави Оперативниот план за вработување за 2025 година, меѓутоа, мерките главно се наменети за млади до 29 години, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE