Дигитализација на дело – за уписи во средно училиште се аплицира онлајн, но сепак се носат и документи во хартија

На уписите во средните училишта во Штип, кои почнаа на 14 јуни, полуматурантите беа повикани да аплицираат онлајн, преку прикачување на документите на Порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk.

Според дадените упатства од училиштата, секој ученик треба да се најави преку својата корисничка сметка на Schools.mk и така да влезе во системот. Сепак, по дигиталното аплицирање, учениците ќе треба да ги однесат во училиштата оригиналните свидетелства и изводот од родени што ги прикачуваат електронски и во хартија. Директорите на училиштата објаснуваат дека оригиналите во хартија се потребни за да се споредат електронски прикачените со оригиналите.

Ученици од СОУ Јане Сандански

Ова не е прв пат вака да течат електронските уписи, кои сепак на крај, завршуваат на принцип кој важи со децении во државата – со хартиени документи на рака.

Инаку, во штипските средни училишта во учебната 2025/2026 година има 787 слободни места. Ланската година најголем интерес имаше за стручните училишта и околу 70 отсто од полуматурантите се запишаа во медицинските, информатичките, електро и машинските струки.

Најголем интерес традиционално има за медицината, а оваа година при уписите во СОУ Јане Сандански ќе биде отворен нов отсек во групата на лични услуги.

„Во тренд со времето воведуваме насока ‘Техничар за козметичка нега и убавина’, кој припаѓа во групата на лични услуги. Запишуваме 25 ученици, но секако тука се дава приоритет на посточеките насоки – медицинска сестра, забен техничар, физиотерапевтски техничар и фармацевтски техничар. Запишуваме 202 ученика,“ кажа Марија Николиќ, директор на СОУ Јане Сандански.

Средните училишта во Штип се дел од дуалното образование, каде дел од наставата е практична, во реални компании, со кои образовните центри имаат склучено договори.

Голем е ангажманот на средношколските центри во привлекување на ученици за уписи, бидејќи од година во година е сѐ помал бројот на завршени основци. Ниту едно средно училиште во Штип, со исклучок на медицинското, не успева целосно да го исполни бројот на слободни места.

Со цел привлекување на нови ученици, на крајот од учебната година на деветооделенците им се презентираат можностите на средношколските центри со посета од наставниците или повик да дојдат и да им ги видат кабинетите. Општина Штип на 30 мај организираше Саем на средни училишта.  

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE