Четири дена интензивно се чисти и уредува штипската градска депонија Трештена Скала, која пред неколку недели беше запалена од страна на собирачи на старо железо. Чадот од пожарот го гледаа граѓаните, иако депонијата е одалечена околу десет километри од градот Штип, а околните села Софилари, Драгоево и викенд куќите во овој дел на општината го чувствуваат и мирисот од чадот, кој се издигнува од депонијата.
Директорот на ЈП Исар, Александар Арсовски, изјави дека со помош на новата градежна машина булдожер-гасеничар се расчистува запалениот отпад и се потрупува со земја. Новата машина ја набавиле бидејќи претходните години ангажирале приватни фирми, но нивната работа немала ефект, годишно им исплаќале по три милиони денари за услугите, а машината која сега е купена чини над пет милиони денари и ќе биде секојдневно користена од страна на екипите на ЈП Исар на градската депонија.
„Речиси го имаме изгаснато пожарот на депонијата, веќе во текот на утрешниот ден ќе завршиме со потрупувањето и очекувам да немаме чад од депонијата. Освен ова се прави и пристап за кипање на камионите за отпад, кои отпадот ќе го исфрлаат по ред, а не каде кој ќе стигне. Изминатите денови со направениот пристап камионите влегуваат побезбедно, а не им се кинат и гумите, бидејќи има безбеден пристап низ депонијата“, вели Арсовски.
Штипското комунално претпријатие Исар има обезбедена и 24 часовна чуварска служба, која е одалечена околу половина километар од депонијата. Обезбедени се услови со вода и струја за чуварската служба, којашто според зборовите на директорот Арсовски, секојдневно трпи закани по живот од собирачите на старо железо.
„Предупредувањата на чуварската служба да не влегуваат неовластено во депонијата не допира до нив“, вели Арсовски.
Последниот случај со закани и доказите од видео камерите се доставени до Полициската станица – Штип. Сега се очекува реакција од страна на полициските службеници.
Новинарските екипи кои беа на лице место, сведочеа на неовластен упад на депонијата. Додека директорот на ЈП Исар, Арсовски даваше изјава на влезот на депонија, позади него се движеше лице кое со вреќи собираше старо железо. Веднаш потоа на депонијата влезе и мал камион, кој ги собра вреќите.
Арсовски вели дека секое неовластено влегување во депонијата е пријавено од страна на ЈП Исар до надлежните институции.
„Очекуваме да преземат мерки за нивно санкционирање. Поради тоа е поставена и 24-часовната чуварска служба, но ние немаме овластување да им го забраниме пристапот. Меѓутоа, институциите имаат правни механизми и можности доколку сакаат и треба да сакаат, бидејќи е во интерес на сите граѓани на Општина Штип да ги преземат сите мерки коишто им се на располагање“, рече Арсовски.
Арсовски вели дека податоците покажуваат оти годишно има најмалку 20 пожари на депонијата, а проблем е што претходните не се гаселе целесно. Проблемот со палењето на градската депонија во Штип е децениски. Ова прави проблем за граѓаните, преку постојаното чадење и загадениот воздух кој го дишат.
Градските депонии со децении се „привремено решение“ за собирање на отпадот, сѐ до изградбата на регионалниот систем за управување со отпад за Североисточниот и Источниот регион, планиран да се гради во светиниколското село Мечкуевци. Иако средствата се обезбедени преку ЕУ фондови, изградбата на објектот постојано се одлага и по речиси една деценија планирање, овој проект на терен сѐ уште не е почнат.
В. Д.


