Живот како во гасна комора  – пет дена гори депонијата кај Добрашинци

Тешка смрдеа на пластика и густ чад се шири по целата околина откако пред пет дена се запали депонијата Шапкар, кај струмичко Добрашинци. Неподносливо е во непосредна близина на депонијата, а на неколку стотици метри воздушна линија се наоѓа цело населено место кое живее како во гасна комора. Жителите на селото Добрашинци се гневни на ваквите ситуации, бидејќи се чести преку цела година, а најстрашно е во лето.

„Внуците ми дојдоа на гости, ќе мора да ги испратам назад, не смееме да излеземе надвор,“ се жали жител на селото.

„Многу смрди, се сомневаме дека и намерно се пали. Ама никој не нѐ прашува како е да се живее тука, отруени сме,“ додава друг жител.

Управувањето со оваа депонија е нејасно. Отпадот го депонираат три општини: Струмица, Босилово и Василево. Самата депонија е на територијата на Општина Василево, а чуварската служба и дел од одржувањето е на товар на Општина Струмица. Самото земјиште, пак, му припаѓа на јавното претпријатие Национални шуми, подружница Беласица. Во вакви услови, надлежностите си ги префрлаат едни на други. Од Комуналец велат дека вложиле преку еден и пол милион денари за гаснење на пожарот, но повикуваат и другите да се вклучат во интервенцијата.

Комуналното претпријатие потврдува дека гори целата територија на депонијата поради што е тешко да се локализира пожарот. Не е исклучена можноста огнот да е подметнат, но не можат со сигурност да потврдат. Поради големите количини метан под отпадот, честопати при допир со кислород доаѓа и до самозапалување, а деновиве високите температури и присутниот ветер придонесуваат и за брзо ширење на пожарот.

Депонијата е оградена, но површината од 12 хектари тешко се контролира, па честопати од различни страни влегуваат собирачи на пластика и друг отпад.

За овој проблем реагираа и еко активистите од Здрава котлина. Бараат општините и инспекциите да ја сфатат сериозно ситуацијата и да спречат труење на населението кое речиси цела седмица е изложено на чад од запален отпад.

С. М.

 

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE