Наместо да се развие во значајна научна и туристичка атракција, вреден археолошки локалитет од римскиот период кај селото Баница, во близина на Струмица, се соочува со ризик повторно да биде затрупан со земја и на тој начин трајно уништен. Причината е тоа што се наоѓа на приватен имот, на кој не може да се продолжи со археолошки истражувања сѐ додека државата не го откупи земјиштето и не ги реши имотно-правните односи.
Иако локалитетот е познат на научната јавност уште од 2007 година, досега не бил предмет на посериозни археолошки активности. Дури неодамна беа откриени значајни делови од римска бања, меѓу кои и калдариум, просторија за топли бањи, односно античка сауна. Се претпоставува дека станува збор за приватна бања која била дел од вила рустика, во сопственост на богат граѓанин од римскиот период период.
Археологот Ване П. Секулов, кој ги води истражувањата, е убеден дека калдариумот е само мал сегмент од значително поголем комплекс кој сѐ уште се крие под земјата.
„Досегашните наоди укажуваат дека објектот се шири во сите четири насоки. Ѕидовите продолжуваат во околниот простор што силно упатува на постоење на поголем објект, можеби дури и цел комплекс,“ вели Секулов.
Тој нагласува дека за да се открие вистинскиот обем и значење на локалитетот, потребно е итно решавање на имотно-правниот статус.
„Што точно се крие под земјата и во каква состојба се наоѓаат останатите структури, нема да можеме да дознаеме сѐ додека не се создадат законски и технички услови за работа. Откупот на земјиштето е главен предуслов,“ вели Секулов.
Тој додава дека негова, но и желба на неговите колеги од струмичкиот Завод и Музеј е да продолжат со истражувањата. Сепак, засега тие немаат таква можност, бидејќи активностите се закочени поради тоа што местото не е државно, туку приватно.
И покрај административните пречки, Секулов ја истакнува благодарноста до сопственикот на земјиштето, Роберт Митев, кој бил еден од најзаслужните за откривањето, но и чувањето на овој локалитет.
„Господинот Митев не само што имаше доблест веднаш да нѐ извести кога случајно го откри објектот, туку цели 18 години самостојно го чуваше локалитетот. Оваа година ни дозволи да работиме на неговиот имот, а тој е подготвен и да го отстапи, односно да го продаде просторот на државата.
Мислам дека сите се сложуваме, овој објект, како и сѐ што претпоставуваме дека се наоѓа во неговата околина, навистина заслужува да биде истражено, стручно валоризирано и на крајот презентирано и пред научната, и пред пошироката јавност,“ заклучува Секулов.
Локалитетот во селото Баница бил откриен случајно во април 2007 година, за време на активности кои сопственикот на парцелата ги реализирал за сопствени потреби. Во 2008 година биле направени геомагнетни снимања кои покажале дека на површина од 300 метри квадратни под теренот се наоѓа објект кој се шири на соседните парцели. Од тогаш, па сѐ до оваа година, на локалитетот не се вршеле никакви истражувања.
За време на годинашните истражувања, кои се реализираа како дел од годишната програма на Министерството за култура, археолозите идентификуваа елементи од сложен систем за загревање, вклучувајќи просторија за загревање на вода, систем за подно загревање, кружни столпчиња и ѕидни грејни цевки.
З. Ѓ.


