Националната мрежа на земјоделци бара државата да ги утврди производните цени на житните култури

Жетвата на јачменот во Овчеполието и штипскиот регион оваа година почна сп ланските цени. Земјоделците се на нивите и го собираат родот во исчекување да добијат официјални производни цени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Потпретседателот на Асоцијација на земјоделци, Гоце Серафимов вели дека годинава имаат добар род на јачменот, со што ќе се задоволат потребите на сточарите во земјава. Но, цената и оваа година е ниска и изнесува 9,5 денари за килограм. Серафимов истакнува дека на минатонеделната средба во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, договорено е откупувачите на производителите на јачмен да им го плаќаат превозот до откупните пунктови и ДДВ.

„Дополнително ќе се плаќа превозот и данокот. Се договоривме да се плати ланското складирање по силосите и оваа година ќе биде платено за складирање на јачменот до 31 март следната година“, вели  Серафимов.

Тој додава дека цената на јачменот не е им оди во прилог на земјоделците. Но, во моментов тие мора да ја прифатат, бидејќи иста е цената и во соседните држави. Сточна храна годинава ќе има, покажува жетвата на македонските ниви.

„Оваа е една од подобрите години. Просекот ќе се движи околу 450 до 500 килограми по декар“, вели Серафимов.

Претседателот на Националната мрежа на земјоделци, Ѓорѓи Каракашев потсетува дека пченицата и јачменот се стратегиски култури за државата.

„Доколку дојде до нарушување на пазарот односно, доколку откупната цена е помала од производната цена – во конкретниот случај Министерството за земјоделство е должно да побара да се дефинираат производни цени согласно методологиите на референтните научни институции и врз таа основа да се определи заштитна односно минимална загарантирана цена. Таа цена треба да е за 25% над производната цена на килограм житарика“, изјави Каракашев.

Тој додава дека земјоделците од Национална земјоделска мрежа јавно го повикуваат Министерството да излезе со официјални производни цени за пченицата и јачменот,  да ги објави и да постапи според позитивните законски прописи

„Напоменуваме дека повикувањето на откупните фирми на берзански цени во нашата држава не важат, бидејќи оваа материја е строго дефинирана и уредена со Законот за земјоделство и рурален развој како и Законот за стокови резерви. Сѐ надвор од ова е груба манипулација и злоупотреба на законите“, додава Каракашев.

Производителите на јачмен велат дека во моментов нема извоз на јачмен, бидејќи не им се исплаќа, а и цената е речиси иста во сите околни земји.

В.Д.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE