Традиционална македонска чалгиска музика синоќа одекна во уметничката галерија Безистен на отворањето на 40-тото издание на традиционалната манифестација Штипско културно лето.
Вокално-инструменталниот состав „Филип Шурбевски езгија квартет“ ги пренесе старите македонски песни и ора со кои почнувале и завршувале веселбите, помагале да се завршат жетвите на житото на лето, обработката на сувиот тутун зиме. Песните, секоја за себе, говори за приказните за љубовта на младите, за судбините и легендите кои се пренесувале од колено на колено.
„Филип Шурбевски езгија квартет“ за прв пат гостуваше во Штип и им припадна честа да ја отворат традиционалната летна манифестација пред публиката, во која имаше инструменталисти, музичари, граѓани и љубители на културата.
Штипско културно лето ќе има 45 дена за претставување на 34 културни настани. Предвидени се повеќе концерти од класичната, забавната и народната музика, театарски претстави, изложби, промоции на книги, отворени настани во природа, работилници, а во сабота на 28 јуни во Домот на млади е концертот на Националниот џез оркестар, каде истакнати инструменталисти се штипјани, кои својата кариера ја почнале од родниот град.
Посетата на сите настани е бесплатна, додека за целокупната програма на оваа летна манифестација, општина Штип издвои еден и пол милион денари.
В.К.


