Како дел од засилените мерки за заштита од шумски пожари, од 1 јули се воведува забрана за слободно движење во шумските подрачја, информираат од Јавното претпријатие „Македонски шуми“. За да се пристапи во шума, граѓаните ќе мора да поседуваат писмена дозвола која ќе биде задолжителна за секое движење во овие зони.
Целта на оваа мерка е да се спречат нови пожари какви што имаше изминатите години, но и да се овозможи подобра контрола врз тоа кој и со каква намера престојува во шумите.
„Би сакале како институција да знаеме кој граѓанин каде сака да оди, која е неговата намера и евентуално ако се појави пожар на тој терен да знаеме со кого да исконтактираме“, вели Кире Михаилов, заменик генерален директор на јавното претпријатие Македонски шуми.
Михаилов го истакнува фактот дека мината година шумските пожари направија штета од околу 5 милијарди денари. Поради тоа апелира до граѓаните да покажат одговорност и да ги почитуваат ограничувањата.
„Минатата година беа зафатени површини од преку 61 илјада хектари. На тие површини имаше некаде околу над 600 илјади метри кубни дрвна маса која што беше зафатена. Зборуваме за дрвна маса каде што поминал пожарот. Некаде штетата во однос на дрвниот фонд е поголема, некаде е мала, некаде е минорна, меѓутоа зборуваме за површина која била зафатена од оган, без разлика дали бил приземен, дали горела трева или бил висок пожар и дали гореле и дрвата сѐ до нивниот врв“, вели Михаилов.
Дополнително, од претпријатието информираат дека оваа година се подобро подготвени во однос на лани. Во тек е набавка на нова заштитна опрема за вработените, а решени се и проблемите со платите и осигурувањето кои минатата сезона ги оставија вработените без основна заштита и изложени на ризици.
З.Ѓ.


