3D опрема е услов за закуп на штипското кино

На денешната седница на Советот на општина Штип беше донесена одлука за распишување на јавна набавка на закупувач на просторот од Општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров“, каде и до сега работи кино-сала.

Со набавката ќе се бара оператор за наредните пет години, со тоа што основен услов е да се набави опрема за 3D техниката. Како што објасни Вишна Шорова – Ангелова, услов е набавката на опрема, но и столчиња и 3D очила, со кои ќе може да се доживее третата димензија на филмот.

„Операторот треба да набави 3D кино-прикажувач, соодветен проектор со година на производство од 2025-та, додатоци, платно од 40 метри соодветни кино столчиња и 3D очила. Доколку набавката ја добие досегашниот оператор, не го обврзуваме да набави столчиња, бидејќи веќе вложи во оваа инфраструктура во 2022 година, кога прв пат беше потпишан договорот“, рече Шорова – Ангелова.

Почетната цена на наддавањето е 105.712 денари месечно.

Во Штип веќе три години работи киното Киноверзум, меѓутоа, киноприкажувањето е во 2D техника. Отворање на кино во Штип со години беше во врвот на приоритетите, особено на младите.  

Кино салата има капацитет од 142 седишта, а за потребите на киноприкажувачката дејност, некогашната голема сала на Општинскиот центар, беше преадаптирана со поставување на платно, проектор и столчиња. 

В.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE