Втор ден екоактивисти од Гевгелија и регионот го блокираат патот над излетничкото место Смрдлива вода, во подножјето на Кожуф планина, порачувајќи дека градежните машини нема да стигнат до местото каде се предвидени две мали хидроцентрали. Станува збор за хидроцентралите „Папрат“ и „Баров дол“ за кои неодамна почнале активности за расчистување на земјиштето.
„Пораката е јасна и гласна: хидроцентрали на реката Дошница ќе нема! Максимално, со сите расположливи сили и средства ние ќе се бориме, ако треба и со жив ѕид да ја одбраниме реката Дошница од ваквите злонамерни проекти“, вели Кристијан Алчинов, еко-активист.
Блокадите ќе траат секој ден од 8 до 18 часот се’ до недела, кога во 11 часот е закажан и голем протест.
„Хидроцентралите се на територија на Општина Кавадарци, меѓутоа ова значи уништување и загрозување на живиот свет и водата во Демир Капија, Гевгелија, Неготино, Росоман и Кавадарци и околните села, бидејќи сите пиеме вода од истата планина“, стои во повикот за блокадата од активистите.
Револтот на граѓаните е во тоа што според нив процесот се одвива тајно, со оглед дека протести имаше и изминатите две години. Тие се сомневаат во законитоста на целата постапка и бараат увид во документацијата.
Реката Дошница се смета за една од најчистите реки во земјава, со чиста вода за пиење и ендемски видови риби и инсекти во водите и во околината. По нејзиното течение живее автохтоната македонска пчела Apis mellifera macedonica.
С.М.


