Во Градашорци ќе се прави спомен соба за мисионерката Мис Стон

Општина Василево со пари од ЕУ од Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, ќе прави спомен соба посветена на американската мисионерка Елен Стон. Таа ќе се наоѓа во Домот на културата во населеното место Градашорци кој ќе се реновира со цел да стане една од точките за развој на еко туризмот во Василево и општина Кресна од соседна Бугарија. 

Овие две општини заедно со уште четири други граѓански организации и фондации,  во наредните 24 месеци ќе го реализираат  проектот „Интеграција на креативен, дигитален, зелен и еко-туризам за одржлив развој на територии и заедници во Кресна, Струмјани и Василево“ вреден околу 960 илјади евра. Од оваа сума за македонските партнери се предвидени 345 илјади евра.

Фотографија од презентацијата на проектот

„Проектот на македонска страна предвидува темелна реконструкција на Домот на културата во Градашоци кој ќе биде енергетско независен, а каде планираме да отвориме туристички  информативен центар за промоција на туристичките можности на регионот, мултифункционална сала за одржување на културни настани како и отворање на музејска збирка односно спомен соба посветена на Мис Стон и нејзиниот престој во прекуграничниот регион во 1901 година.

Домот треба да добие нов покрив, фасада, фотоволтаични панели, а ќе биде набавена и  поставена аудио и техничка опрема во Домот како и велосипеди кои ќе се користат како алтернативно превозно средство до туристичките локалитети“, кажа градоначалникот на Василево, Славе Андонов.

Општините Василево и Кресна ги поврзува Мис Стон и нејзината придружничка Катерина Стефанова Цилка која била киднапирана од четата на војводата Јане Сандански во близина на Банско, Бугарија. Револуционерите побарале откуп од 25 илјади турски лири, или околу 110 илјади американски долари, но по шест месеци добиле 15 илјади лири, односно – 68 илјади долари.

На 2 февруари 1902 година, Стон, Цилка и нејзиното двомесечно бебе Елена, која е родена во заробеништво ќе бидат ослободени во Градашорци, во близина на Струмица, сега Општина Ваислево. Мисионерката била предадена на претставниците на Протестантката црква, додека револуционерите средствата ги искористиле за набавка на оружје. За оваа афера пишувале сите поважни светски медиуми.

Приказната за Мис Стон е основата на овој проект, кој ќе ја оживее од двете страни на границата.

Освен реконструкција на Домот на културата во Градашорци се планира и реализација и промоција на нова туристичка дестинација во Општина Василево. Станува збор за пешачко – велосипедска рута насловена како „По стапките на Мис Стон“, која треба да биде туристичка атракција со презентација на животниот стил, културата и природно историските карактеристики на регионот.

Од бугарска страна, Општина Кресна ќе го реконстурира поранешниот пионерски дом на планината Пирин во еко-центарот „Синаница“ каде ќе се дружат младите од Македонија и Бугарија преку кампови насловени „Пријателите на Пирин“.

„Проектот е потврда за збратименоста на двете општини и дека треба да работиме на приближување на граѓаните од двете страни на границата. Со реконструкцијата на еко-центарот „Синаница“ отвораме можност младите од Македонија да доаѓаат и да се запознаат со убавините на Пирин планина“, кажа градоначалникот на Кресна Николај Ѓеоргиев.

Целиот проект треба да се реализира во рок од две години а веќе наесен би требало да се реализира првата рута „По стапките на Мис Стон“ со промотивни виртуелни видеа за потенцијалот на Василево.

В.Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE