Изминатата недела низ источниот и југоисточниот регион, во селата со турско население од општините Карбинци, Штип, Радовиш, Конче, Василево и Валандово, Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) додели 300 пчеларски кошници и опрема за пчеларство на 30 семејства што се занимаваат со пчеларство. Помошта е дел од поголемиот проект за поддршка на семејствата кои живеат од земјоделство.
Од Општина Конче велат дека пчеларството е преокупација на петнаесетина жители, додека во Карбинци бројот на пчелари е многу мал.
„Сушните години не оставаат многу простор за производство на мед и продукти од мед. Особено проблематични се месеците август и септември, кога сѐ пресушува во природата“, додаваат од двете општини кои граничат меѓу себе.
Во март годинава, преку ТИКА беа обезбедени опрема за оранжерии и земјоделска механизација за 140 семејства од источниот и југоисточниот регион.
„До денес, стигнавме до приближно 14.000 луѓе, преку 28 земјоделски проекти имплементирани во Северна Македонија“, информираше Махмут Чевик, потпретседател на ТИКА.
Во Општина Карбинци живеат 857 Турци, што е 25,5% од вкупното население од 3.420 жители, според последниот Попис од 2021 година. Во Општина Конче живеат 2.725 граѓани, од кои 606 се изјасниле за Турци.
Р.Л.
(фото: ТИКА)


