Жителите на село Сушица, Општина Ново Село, конечно добија квалитетна и безбедна вода за пиење. Долгогодишниот проблем со неисправната вода е надминат со пуштањето во употреба на новата филтер станица, која претставува трајно решение за ова рурално населено место.
Станува збор за инвестиција во вредност од над 4 милиони денари, преку која е изградена современа постројка за прочистување на водата од локалниот водовод. Најважниот сегмент на новиот систем е целосното отстранување на манганот, елемент кој со години претставуваше сериозна закана за здравјето на жителите.
Градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, нагласи дека станува збор за клучен проект за населението на Сушица.
„Од сега граѓаните ќе пијат чиста, филтрирана вода. Манганот кој беше присутен досега целосно ќе биде отстранет, со што обезбедуваме здрава вода за пиење и за идните генерации,“ изјави Божинов.
Системот е целосно автоматизиран и овозможува контрола на работата на пумпите, нивото на вода во резервоарот и рационално користење на водата, што значително ја зголемува ефикасноста и стабилноста на водоснабдувањето.
Изведувачот на проектот, Миле Георгиев, објасни дека оваа филтер станица е единствена од ваков тип во државата, поради технолошкиот процес што го применува.
„Станува збор за напреден систем кој користи три степени на филтрација, груба, фина и на крај специјализирани филтри кои го отстрануваат манганот од водата. Ова е првпат во Македонија да се користи ваква технологија со која се отстранува манганот,“ истакна Георгиев.
Новата филтерска станица е поврзана со новиот водоводен систем, кој неодамна беше пуштен во употреба, што дополнително го зголемува капацитетот на системот и овозможува континуирано водоснабдување, дури и во периоди на висока потрошувачка.
Сушица е второ по големина населено место во општината, со околу 1.000 жители и 600 домаќинства. Новата станица обезбедува 500 кубни метри вода дневно, доволно за задоволување на секојдневните потреби на целото село.
З. Ѓ.


