Се урнаа објектите во кои беа сместени десеттина семејства, за да продолжи доизградбата на штипскиот булевар „Партизанска“

Десетина семејства кои беа сместени во објекти на Јавно претпријатие за стопанисување и деловен простор во населбата Осми Ноември во Штип од денеска привремено живеат кај роднини или се сместени во Студентскиот дом. Овие објекти од денеска почнаа да се уриваат со градежни машини, со цел да продолжи доизградбата на булеварот Партизанска, каде што поминува трасата и треба да се гради нов кружен тек.

Семејствата си ја прибираа покуќнината од објектите, а градежните машини почнаа да ги уруваат објектите еден по еден, на помош дојде и цистерна на ЈП Исар со цел да не се создава голема прашина и да не се разнесува кон станбените згради, кои се на растојаните од пет-шест метри. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, на прес-конференција рече дека десетте семејства, кои беа сместени во овие објекти, ќе добијат типски куќи со што ќе го решат своето станбено прашање.

„Постигнавме договор со жителите на овие објекти кои датираат повеќе од 50 години. Истите ќе бидат урнати, станарите ќе добијат типски куќи. Повеќе од десет семејства ќе бидат сместени во типските куќи. Овде продолжуваме со активностите и очекуваме до крајот на летото согласно динамиката на оваа локација, каде сега се наоѓаме, да има еден прекрасен кружен тек и поврзување на булеварот Партизанска меѓу населбите Осми Ноември, Сењак 4 и населбата Баби“, рече градоначалникот Јорданов.

Добивањето согласност од станарите од спорните објекти траеше со недели, а за тоа време во застој беа работите на изградбата на булеварот. Дел од семесјтвата не прифаќаа да се преселат во типските куќи во Света Недела. Проблемот е решен, како што најави Јорданов, но овие семејства веднаш нема да можат да се вселат во типските куќи, чие поставување сѐ уште не е целосно завршено. Во тоа меѓувреме од неколку дена, според градоначалникот, овие семејства се сместија кај роднини и во приватен објект.

Градоначалникот Јорданов објасни дека  изградбата на типските куќи во населбата Света Недела е во завршна фаза и за неколку дена треба да бидат ставени во функција. Се очекува во нив да се вселат над 40 семејства од ромската заедница, кои привремено беа сместени во објектите на поранешното Нервно одделение и споменатите семејства од објектите од левата страна на булеварот Партизанска.

„Во прашање се денови кога истите ќе бидат ставени во функција. Еден мал дел се сместени во приватен објект кој ние го мониторираме, така да верувајте многу брзо типските објекти ќе бидат ставени во функција“, рече Јорданов. Доизградбата на булеварот Партизанска од населбата Осми Ноември до населбата Баби е во должина од еден километар, но градежните активности беа прекинати заради овие објекти.

 Градоначалникот Јорданов вели дека очекува изградбата на булеварот Партизанска да заврши во септември, а на еден од кружните текови на овој булевар ќе биде поставен и 20-метарски Крст.

В. Д.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE