Мираковски: Секој пожар е опасен по здравјето на луѓето, за да се намали нивниот број мора да се инвестира во системи за управување со отпад

„Пожарите и во шумите и на депониите се штетни по здравјето на луѓето, a особено се опасни на дивите депонии, на кои не се знае што се е депонирано како отпад“, вели ректорот на Универзитетот Гоце Делчев во Штип, Дејан Мираковски, воедно и еден од експертите за аерозагадување во лабараторијата АМБИКОН.

Тој забележува дека пожарот на депонија за старо железо во скопско Визбегово е многу опасен, бидејќи депонираниот отпад емитира состојки, кои во кратко време се со високи концентрации на многу токсични компоненти и се шират во близината на местото, каде што настанал пожарот и тоа е една од причините, коишто дополнително го загадува воздухот. 

„Емисиите се присутни во воздухот, додека трае пожарот. Генерално или тие се дисперзираат во широк простор, неограничен простор, па се намалува нивната концентрација и не е опасна за здравјето, или се таложат во околината на пожарот“, рече Мираковски.

Забележува дека за луѓето е опасно да биде блиску до чадот и тоа директно до чадот од пожарот, а како што вели, канцерогени супстанции има во се што се согорува.

„Имаме и во дрвата. Од 24 идентификувани компоненти од чадот од дрвата, 14 се канцерогени. Било кое согорување е проблематично и од тие причини не само од аспект на климатските промени, човештвото се труди да го намали согорувањето, за сметка на некои други извори на енергија, односно да ја произведуваме енергијата на почист начин“, подвлече Мираковски.

За него едно од решенијата за спречување на пожарите е и изградба на современи системи за депонирање на отпадот.

„Ние со загаденоста на воздухот имаме проблем во текот на зимата. Но, за жал и во текот на летните месеци ни се јавуваат високи концентрации на загадувачки материи, токму поради пожарите. Главната причина е затоа што нашите Системи за управување со отпад се нефункционални, односно наместо депонии имаме некакви нестандардни, несанитарни ѓубришта, а не депонии. Додека не ги создадеме условите, сигурно нема да се поместиме од оваа точка“, вели Мираковски.

Ректорот на УГД-Штип порача дека институциите мора да се фокусираат и да го решат управување со отпадот и да се изградат современи регионални фабрики за отпад.

В. Д.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE