Активистите од струмичкиот регион, организирани од здружението Здрава котлина, а поддржани од еколошки активисти од Прилеп, Куманово и од Гевгелија, синоќа низ улиците на Струмица одржаа протестен марш поради загадувањето од депониите.
„Народе, време е да ги разбудиме заспаните институции кои во скапо платен сон, бесрамно и мирно си ги префрлуваат надлежностите и задолженијата од еден на друг додека сите се труеме со запалените депонии! Во зима е истата приказна само тогаш прстот е вперен во домаќинствата, а сега во лето не се надлежни, и така во круг. А истите актери горат цело време, милиони евра се трупаат на исти места, бизниси со рециклирање на метал се отвараат и фантомски функционираат, институциите се парализирани и замолчени, затоа вечерва излеговме масовно на протестен марш за здив, живот и иднина“, рекоа организаторите од Здрава котлина.
Од плоштадот Гоце Делчев, граѓаните се упатија кон зградата на Општина Струмица, до ОЈО Струмица, а заврши пред поранешната зграда на Комуналец, каде се обратија со директна порака до градоначалниците на Струмица, Василево, Босилово и Ново Село. Говорниците со прст покажаа кон градоначалниците на четирите општини, бидејќи, како што рекоа, „со своето молчење и неделување, додека месец и пол гори ѓубре, покажаа дека функцијата им служи само за удобност, не и за одговорност“.
„Кога треба да се наплатуваат сметки, сите се достапни, но кога народот се труе, ги нема никаде. Ова е срамно, нечовечки и директно соучество во уништување на здравјето на граѓаните. Доста беше труење, молк и префрлање одговорност-време е за отпор“, рекоа на протестот.
Депонијата Шапкар и бројни диви депонии горат повеќе од еден месец. Со горењето на отпадот се трујат граѓаните, реагираа активистите. Ѓорѓи Танушев од Здрава котлина рече дека депонијата Шапкар не смее да гори ниту еден ден, „а криминалците треба да ги апсат“ и упати повик до Јавното обвинителство.
„Јавното обвинителство мора да ги гони сторителите и полицијата исто така. Тие што горат ама и тие што го купуваат бакарот! Оти 17 милиони евра од една струмичка фирма само за бакар, прашање е каде има толку бакар, кај го најдоа, каде го рециклираат! Да се разбудат и да ги апсат! Резултати мора да има сега и ќе видиме кој откупува и кој гори кабли. Пред неколку години имаше случај кога со комбе од Кавадарци беше донесен метал за горење на депонијата и според наши сознанија таа компанија инкасирала 17 милиони евра од топење бакар. Оти ова што се случува е геноцид на Струмичани“, рече Танушев.
Граѓаните укажаа дека истите актери горат цело време, милиони евра се трупаат на исти места, бизниси со рециклирање на метал се отвараат и фантомски функционираат, додека институциите се парализирани и замолчени. Очекуваат конечно институциите да реагираат.
Р. Л.


