Директорот на Дирекција за заштита и спасување, Стојанче Ангелов на прес конференција ја појасни постапката за аплицирање на работното место пожарникар за повикот што ќе ангажира 400 нови извршители. Овие 400 пожарникари, како што веќе објави Локал актив, ќе бидат одговор на растечкиот предизвик со пожарите, а ќе бидат ангажирани во повеќе општини, вклучително и во Град Скопје.
Аплицирањето, како што објасни Ангелов, е во локалните центри на Агенција за вработување.
„Со нив треба да носат потврда од матичен доктор во која што се потврдува дека не боледуваат од тешки болести кои би пречеле во работењето на оваа исклучително одговорна работа. Други документи не се потребни. Од лицата кои ќе покажат интерес за оваа работа, ќе ги одбереме најдобрите и ќе имаат можност да бидат примени како професионални пожарникари во локалните противпожарни единици“, кажа Ангелов.
Што се однесува до Скопје, аплицирањето е во локалниот центар на АВРМ во Кисела Вода, каде ќе бидат селектирани 80 нови пожарникари за потребите на сите општини на територија на Скопје. Во останатите општини, бројот на пожарникари е различен.
Ангелов рече дека очекува да се пријават главно млади невработени лица, кои се во добра здравствена состојба.
Повиците за работен ангажман ги обајвија општините. Селектираните кандидати ќе бидат ангажирани пет месеци за месечен надоместок од 24.000 денари.
Директорот на ДЗС, Ангелов, не даде одговор каков е интересот на невработените.
Р. Л.


