Веќе трет ден гори област над селото Нивичино, во Општина Василево на планината Готен. Од изутрината во гаснењето на пожарот се вклучи хеликоптер на МВР, а во текот на денот се очекува и доаѓањето на двата специјализирани ЕР-трактори на Дирекција за заштита и спасување. На овој дел гори нискостеблеста шума, во чие гаснење учествуваат пожарникарите од Струмица и Радовиш, како и вработените од Национални шуми.
„Во текот на денот напорите за гаснење ќе бидат засиелни со повеќе екипи. Во периодот кога ќе заврши хеликоптерот на МВР, ќе гаснат двата Ер-трактори. На терен се и доброволците од новоформираното ДПД Василево, кое со возилото ќе прави дотур на вода. Се приклучија и ловџии од Василево. Ќе имаме пешадија од над 60 луѓе“, изјави Кире Михаилов, заменик директор на ЈП Национални шуми.
Се работи за пожар со прилично голем опсег од над 5 километри линија на оган. Домовите не се загрозени, а како што рече Михаилов, добро е што во близина е браната Турија, па леталата имаат краток лет, по што водата брзо се истура на огнот.
Р. Л.


