Oпштинските изборни комисии ги почнаа подготовките за организирање на редовните локални избори за градоначалници и за членови на општинските совети што треба да се одржат во октомври годинава.
Општина Кочани веќе го објави јавниот повик за избор на фирма за превоз на патници во државата и во странство, како и за потребите на Општинската изборна комисија. Зa оваа намена од општинскиот буџет ќе се потрошат околу 750 илјади денари во нето износ, односно без обврските за ДДВ.
Со нешто помалку од половина од износот, односно 320 илјади денари без даночните давачки, треба да се покријат трошоците за превоз на членовите на избирачките одбори и на изборниот материјал до гласачките места во општината, во два круга на гласање.
Плаќањето на трошоците ќе биде по изминат километар, а превозот ќе се врши на 12 релации, односно од седиштето на Општинската изборна комисија до гласачките места во градот, во рамничарските и планинските села, како и до Државна изборна комисија во Скопје. Според пресметките, на денот на изборите до одредени гласачки места ќе се вози во три тури и ќе се помине вкупно растојание од близу 1.100 километри.
Воочливо е дека иако има најмал број гласачи, најмногу ќе чини превозот до избирачките места во планинските села. Најдолги се релациите до Јастребник и Главовица каде во три тури треба да се поминат вкупно 320 километри, односно за 100 километри повеќе отколку одењето до ДИК во Скопје. Притоа, се бара превозникот што ќе биде избран со тендерската постапка да обезбеди соодветни теренски возила – џипови со минимум 5 седишта.
Пријавувањето на заинтересираните даватели на услугата за превоз на патници по јавниот повик трае до 28 јули.
Изборниот законик пропишува во организацијата на Локалните избори со средства од своите буџети да учествуваат и општините. Покрај тоа, во член 25 од Изборниот законик пишува дека општините и градот Скопје се должни на органите за спроведување на изборите да им обезбедат технички, просторни и други услови за работа.
Локалните избори траба да се одржат во октомври, а неофицијално, распишувањето на изборите се очекува на 8 август, по што почнуваат да течат законските рокови за нивно спроведување.
Т. А.


