Безбедносна камера фати подметнувач на пожар во Делчево – казните се и до 8 години затвор

Вечерта на 9 јули, во Делчево, во населба Први Реон, безбедносна камера фатила човек кој се движи и во еден момент пали грмушки и дрвја, по што бега. Жител на Делчево веднаш го пријавил настанот во полиција, а снимката им е предадена на анализа.

Од МВР не соопштија дали успееја да го лоцираат предизвикувачот на пожарот, но локалните власти упатија апел до граѓаните за зголемена внимателност и одговорност.

„Секое намерно предизвикување пожар може да има сериозни последици по животната средина, имотот и безбедноста на луѓето. Апелираме до сите граѓани да пријават какво било сомнително однесување“, апелираше Општина Делчево.

Подметнувањето пожар е кривично дело и е предвидена казна затвор. Во Кривичниот законик во Членот 227 (Предизвикување шумски пожар) е предвидено дека „тој што ќе предизвика шумски пожар, па поради тоа ќе настапи штета од големи размери, ќе се казни со затвор најмалку осум години. Со казната од став 1 ќе се казни и тој што ќе предизвика пожар во заштитена шума, национален парк или во друга шума со специјална намена. Тој што ќе предизвика два или повеќе шумски пожари, ќе се казни со затвор најмалку десет години. Ако делото е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со затвор од три до пет години“, пишува во Кривичниот законик.

Локал актив пишуваше за огромните последици што ги оставија пожарите во Малешевско – пијанечкиот крај. Во сторијата пренесовме податок од Министерство за внатрешни работи од каде соопштија дека од 1 јануари 2024 година до почетокот на јуни 2025 година на подрачјето на СВР Штип откриени се 13 сторители од општините Делчево и Кочани кои предизвикале пожари. Против 11 сторители поднесени се барања за поведување на прекршочна постапка по чл.46 став 2 од Закон за земјоделско земјиште, а против двајца  сторители од општините Делчево и Кочани поднесени се кривични пријава по чл.288 од Кривичниот законик на РСМ.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE