Со определбата да се прикажуваат авторски филмови, под мотото „Филмски крстопати“, на 4-ти август во Струмица почнува јубилејното, 20-то издание на интернационалниот филмски фестивал Астерфест.
Добитник на наградата Астер за врвни достигнувања во македонскиот и светскиот филм е режисерот и сценарист Милчо Манчевски. Почесно признание за придонес во филмската и ТВ продукција добива британската продуцентка Ребека О’ Брајан, долгогодишна соработничка на режисерот Кен Лоуч. Специјалната плакета за долгогодишни актерски остварувања му е доделена на актерот Емил Рубен.
Во официјалната натпреварувачка програма ќе бидат прикажани филмови од САД, Франција, Холандија, Белгија, Велика Британија, Кина, Црна Гора, Хрватска, Полска, Русија, Швајцарија, Шпанија и Македонија. Дел од нив се премиерно прикажани во Македонија, а некои се добитници на меѓународни награди, вклучувајќи и Оскар и БАФТА. Програмата вклучува и филмови чии автори претходно гостувале на фестивалот.
Фестивалската програма вклучува и проекција на дигитализираната верзија на филмот Писмо на Васил Христов, во чест на Емил Рубен, како и прикажување на играниот филм Лена и Владимир на Игор Алексов. Ќе се одржи и промоција на нови изданија од областа на филмската и уметничка литература.
Жирито, составено од Клара Дошлов, Сезер Салихи и Ице Виранов, ќе ги додели наградите Гран при, Златна, Сребрена и Бронзена потковица, како и признанијата за најдобар режисер и најдобро сценарио.
Фестивалот е поддржан од Општина Струмица.
З. Ѓ.


