Пожарот од Василево се префрли на територија на Радовиш и Берово

Огнот кој пред пет дена изби кај селото Нивичино, во Општина Василево на планината Готен не само што не е изгаснат, туку од вчера се прошири и на соседните општини Берово и Радовиш. Според Центар за управување со кризи на овој простор гори нискостеблеста шума, смреки, грмушки и ниска вегетација.

Над 200 луѓе се вклучени во гасењето на пожарот од три страни. Освен пожарникари, вклучени се вработени од АРМ, ЈП Национални шуми, Водостопанство, како и вработени во приватни компании. Како поддршка на луѓето кои гаснат, од рано изутрината се вклучени  хеликоптер на МВР, како и два  ЕР трактори на Дирекција за заштита и спасување.

Од ЈП Национални шуми информираат и за вклучување на тешка механизација и специјализирани возила на повеќе институции, вклучително и возилата на МВР како и репарираните пинцгауери, кои оваа сезона беа прилагодени за борба со пожарите.

Пожарот на Готен во моментов е еден од најтешките за справување. На територијата на целата држава има шест активни пожари, додека во изминатото деноноќие биле изгаснати 27. Пет пожари, вклучително и тој кај селото Николиќ кај Дојран, се држат под контрола.

Близу еден месец пожарите не стивнуваат. Надлежните се сомневаат дека се работи за подметнати пожари.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE